АктуелноОхрид

Охрид ќе биде домаќин на шестиот меморијален планинарски марш во чест на Трајан Целески – Тачо

На 7 ноември во Охрид ќе се одржи шестиот хуманитарно-меморијален планинарски марш „Трајан Целески – Тачо“, настан со кој се негува споменот на прерано починатиот Трајан Целески, чиј дух, ведрина и љубов кон животот и понатаму ги мотивираат неговите блиски и пријатели.

Маршот ќе започне од населбата Видобишта, во близина на спортското игралиште кое го носи неговото име, а учесниците ќе се движат по патеката преку манастирот „Свети Никола“ и селото Велгошти, по што ќе се вратат на почетната точка.

Станува збор за умерено тешка патека со вкупна должина од околу 10 километри во двата правци. Водич на планинарењето ќе биде Дејан Ангелоски, познат планински тркач и повеќекратен победник на меѓународни натпревари во скајранинг.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на природата и планинарењето да се приклучат на настанот, кој покрај меморијалниот карактер има и хуманитарна цел. Заинтересираните учесници можат да остават доброволен паричен прилог во хуманитарните кутии на Општинската организација на Црвениот крст – Охрид.

На учесниците им се препорачува да понесат доволно вода, храна и топла облека. Малолетните лица треба да бидат во придружба на возрасно лице, а секој учесник учествува на сопствена одговорност.

За дополнителни информации, заинтересираните можат да се јават на телефонските броеви 078/668-353 и 078/355-291.

Со овој марш, Охрид повторно ќе ја потврди силата на заедништвото и хуманоста, а споменот на Трајан Целески – Тачо ќе продолжи да живее преку пријателството, солидарноста и љубовта кон природата.