АктуелноОхрид

Пресека заминува во историја, за најмалку два месеци се пушта најтешката делница на автопатот Кичево-Охрид за Ботун, се буши 24 метри во длабочина

За најмногу два месеци во сообраќај ќе биде пуштена технички најкомплексната делница од автопатот Кичево – Охрид, на потегот меѓу селото Извор (Кичево) и селото Врбјани (Дебарца), со што целосно ќе се одбегнува планинскиот превој Пресека. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во „Вечерното шоу“ на ТВ Алфа.

Како што појасни Николоски, станува збор за градежно најтешкиот потег реализиран на македонската патна мрежа, кој опфаќа вијадукти, мостови, четири галерии и двата најдолги тунели во државата.

„Едната тунелска цевка е со должина од 1.990 метри, а втората изнесува 2.100 метри. Опремени се со најмодерна технологија за рано предупредување од пожари, регулација на сообраќајот, огноотпорни врати и специјални вентилатори. Со пуштањето на овие десетина километри за помалку од два месеци, возачите повеќе нема да го користат стариот пат преку Пресека“, истакна Николоски.

Според ресорниот министер, на трасата досега се целосно завршени 37 километри, од кои 34 километри веќе се ставени во функција. По отворањето на делот кај Пресека, преостануваат уште сегментите над Кичево и критичната точка кај селото Ботун, чие финализирање се очекува во првата половина на следната година.

 

 

4news.mk