Несекојдневен проблем пријавуваат граѓани од Охрид на булевар „Туристичка“, каде што веќе три недели стои приколка за автомобил, оставена во близина на контејнери откако на неа се дупнала гума. Според пријавите до медиумите, сопственикот на приколката во изминатите три недели не ја заменил дупнатата гума, поради што приколката останала на истото место.
Во меѓувреме, дел од граѓаните, мислејќи дека приколката е напуштена и дека станува збор за кабаст отпад, започнале да фрлаат отпад во неа. Денес приколката е практично преполна со разновиден отпад – од предмети од домаќинствата до различен кабаст отпад.
Граѓаните кои го пријавуваат случајот сметаат дека надлежните комунални инспекциски служби треба веднаш да излезат на терен, да утврдат кој го оставил отпадот, но и да постапат во однос на приколката која со недели стои на јавна површина.
Случајот е уште еден пример дека оставањето предмети и возила на јавни површини без соодветно обезбедување може да создаде дополнителен комунален проблем. Останува да се види дали надлежните инспекции ќе постапат и кој ќе го сноси трошокот за отстранување на отпадот.














