АктуелноОхрид

Започнаа археолошките ископувања на Самуиловата тврдина во Охрид

На Самуилова тврдина започнаа овогодишните археолошки истражувања, чија основна цел е доистражување на археолошкиот локалитет, но и создавање услови за понатамошна ревитализација и уредување на целиот простор.

Археолошките активности се реализираат во рамки на проект финансиран од Министерството за култура и туризам, со кој се продолжува со истражувањето на еден од најзначајните културно-историски локалитети во Охрид и Македонија. Раководител на проектот е археологот, виш кустос Анатоли Арнаудоски, кој со стручниот тим ќе работи на откривање, документирање и проучување на археолошките остатоци во рамки на тврдината.

Самуиловата тврдина претставува еден од најпрепознатливите симболи на Охрид и значаен дел од неговото богато историско и културно наследство. Новите истражувања се очекува да дадат дополнителни сознанија за развојот и функцијата на просторот низ различните историски периоди.

Покрај научното значење, резултатите од археолошките истражувања треба да придонесат и кон идната ревитализација, конзервација и туристичка презентација на целиот комплекс, со што Самуиловата тврдина би добила уште поголема вредност како културно-историска и туристичка атракција на Охрид.