Наш ИзборНаш изборОхрид

Вахид Мемед: Барањата на ЗАМП кон станоиздавачите за приватни апартмани се правно неосновани

Граѓанскиот активист Вахид Мемед реагира на, како што наведува, сè почестите поплаки од граѓани кои добиваат фактури од Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за приватните станови и апартмани што ги издаваат под наем.

Во својата јавна објава, Мемед истакнува дека секојдневно прима пораки од вознемирени станоиздавачи и оценува дека ваквите барања немаат правна основа.

Според него, Законот за авторското право и сродните права предвидува обврска за плаќање надоместок само во случаи на јавно изведување на авторски дела. Тој смета дека издавањето приватен стан за сместување не претставува јавно изведување, бидејќи станот е приватен простор во кој користењето радио или телевизија од страна на гостите спаѓа во сферата на личната употреба, а не на јавна дејност.

Мемед дополнително посочува дека надоместокот за авторски права за телевизиските програми веќе е содржан во претплатата што сопствениците ја плаќаат кон кабелските или сателитските оператори. Според него, барањето за дополнителен надоместок од станоиздавачите претставува двојно наплатување за иста услуга.

Во објавата тој изнесува став дека барањето финансиски надомест без конкретен доказ дека во апартманот се врши јавно изведување на авторски дела претставува пречекорување на законските овластувања на организациите за колективно управување со авторските права.

Граѓанскиот активист ги повикува сите станоиздавачи да не ги плаќаат добиените фактури без претходно да добијат писмено образложение за правниот основ на побарувањето и да побараат прецизно објаснување врз која законска одредба се темели обврската.

„Авторските права мора да се почитуваат, но тие не смеат да бидат причина за неоправдан финансиски притисок врз граѓаните кои преку издавање на сопствениот имот обезбедуваат егзистенција“, наведува Мемед во својата објава.