Деновиве повторно се актуелизираат обвинувањата за несовесно и коруптивно работење на одговорните структури во ЗАМП, за што како медиум предупредуваме веќе подолг период. Целта е да се поттикне поголема свесност и реакција кај авторите, бидејќи токму нивните интереси се најзасегнати, а нивните авторски дела, според изнесените тврдења, се материјално оштетени и девалвирани преку начин на работа за кој се тврди дека има криминална позадина.
Освен раководните структури во ЗАМП, кои имаат обврска доследно да ја спроведуваат законската регулатива, во целиот процес се вклучени и медиумите, односно лицата задолжени за евидентирање на музичките дела и нивната застапеност. Според изнесените информации, токму тие претставуваат важна алка во синџирот што, наводно, со години функционира во корист на одредени поединци, овозможувајќи им значителна материјална корист.
Доколку јавноста знае колкави примања имаат лицата во раководните структури на ЗАМП, веројатно би била изненадена. Но, според критичарите, високите плати и хонорари не биле доволни, па бил воспоставен систем преку кој се обезбедуваат дополнителни приходи, со учество на лица задолжени за музичката програма во одделни медиуми.
Според овие тврдења, станува збор за добро организиран механизам кој со години успешно функционира. Иако низ управните органи на ЗАМП поминале повеќе личности кои се обиделе да воведат поголема транспарентност и да ги расчистат сомнежите за корупција, тие, како што се наведува, не успеале да се спротивстават на воспоставената мрежа.
Во изминатите денови за состојбите во ЗАМП се дискутира и на социјалните мрежи. Посебно внимание привлече објава од профил под името Михајло Богдановски, во која беше наведено дека најголеми приходи од авторски права остварил Кристијан Габроски – околу 82.000 евра за една година, односно приближно 500.000 евра во период од десет години, за дела кои, според авторот на објавата, се речиси непознати за пошироката јавност. Во објавата се тврдеше и дека не постои соодветна супервизија врз музичките листи што ги доставуваат медиумите, што остава простор за евентуални манипулации.
Во меѓувреме, објавата беше избришана, а профилот под името Михајло Богдановски повеќе не е достапен. Тоа, според дел од јавноста, говори за страв од можни последици и недоверба во институционалното расчистување на ваквите сомнежи.
Сепак, има и автори кои решија јавно и со име и презиме да ги изнесат своите забелешки. Еден од нив е познатиот хармоникаш, композитор и автор д-р Гоце Џуклески, кој информираше дека испратил отворено писмо до Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во писмото, меѓу другото, наведува:
Почитувани, за жал, веќе подолг временски период авторите речиси и да немаат никаков увид во тоа што се случува во ЗАМП кога станува збор за распределбата на авторските надоместоци. Од друга страна, вработените и дел од членовите на органите на управување не чувствуваат никаква одговорност за своето несовесно и коруптивно работење. На многу перфиден начин ја злоупотребуваат недоволната информираност на авторите и средствата ги распределуваат според лични критериуми и интереси, со цел стекнување материјална корист.“
Џуклески во дописот го поставува и прашањето за евентуален судир на интереси поради изборот на Борче Нечовски за директор на ЗАМП, имајќи предвид дека и самиот е автор и носител на авторски права.
Според моето мислење, тука постои очигледен и неизбежен судир на интереси. Би сакал стручното мислење за тоа да го даде Државната комисија за спречување на корупцијата. Верувам во нивната професионалност, стручност и компетентност“, наведува Џуклески во писмото.
Тој за нашиот медиум потврди дека дописот е официјално доставен до Антикорупциската комисија, од каде сега се очекува нивен став и евентуално постапување по наведените тврдења.















