Охрид

Јубилејно 65то издание на Балкански фестивал за народни песни и игри

Со целовечерен концерт на Ансамблот „Танец“ и настап на КУД „Ѓердан од бисери“, вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворено 65. јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најзначајните фолклорни манифестации во регионот.

‎Фестивалот традиционално ги обединува ансамблите од Балканот, кои преку музика, игра и народни носии ја претставуваат богатата културна разноликост и автентичност на своите земји.

‎На свеченото отворање на фестивалот се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

‎- Неописливо е чувството на привилегија и чест што вечерва сум тука, заедно со Вас и што сум дел од отворањето на годинешното, јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

‎Цели 65 години, Охрид живее со оваа значајна манифестација и преку невидливи, но силни нишки на традицијата, од година во година го зацврстува и го чува она што е највредно, нашата културна меморија, нашето заедништво и нашиот национален идентитет.

‎На почетокот на јули, охридските улици дишат во ритамот на фолклорот. Градот станува сцена на која се среќаваат ора, носии и култури од целиот Балкан. Во овие денови, преку играта и песната, повторно се потсетуваме дека различностите не зближуваат едни со други и не учат на меѓусебно почитување.

‎Овој јубилеј е доказ за континуитет, посветеност и искрена љубов кон традицијата. Тој е доказ дека она што е вистински вредно не избледува со времето, туку се пренесува од генерација на генерација, добивајќи нови значења и нова енергија.

‎Македонскиот фолклор, со својата автентичност, богат ритам и длабока емоција, претставува важен дел од балканското културно богатство. Тој е нашиот корен и нашата обврска, да го чуваме, негуваме и достоинствено да го оставиме во аманет на идните поколенија.

‎На сите учесници им упатувам искрена благодарност за нивниот труд и посветеност. Ви посакувам успешни настапи, топол прием од публиката и уште многу убави и незаборавни моменти во Охрид, градот на светлината и културното наследство.

‎Верувам и посакувам овој фестивал да продолжи да биде столб на нашата култура и традиција, симбол на заедништво и почит меѓу народите. Нека е честит јубилејот на фестивалот и нека продолжат да се испишуваат нови и поуспешни страници на оваа охридска и македонска фолклорна приказна, истакна Божиновски.

‎Во името на Собранието на Република Македонија свое обраќање имаше пратеничката од Охрид, Грација Бакраческа.

‎Во рамки на тридневната фестивалска програма, љубителите на фолклорот ќе може да погледнат настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и од неколку балкански земји.

‎Фестивалот е под покровителство на Собранието на Република Македонија и поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.