Германскиот трговски гигант LIDL продолжува со подготовките за влез на македонскиот пазар и со кампањата за вработување „Добра игра. Фер плеј“, преку која бара нови кадри за идните маркети што ќе бидат отворени низ државата.
Од компанијата информираат дека следната станица од нивниот караван за вработување е Струга, каде заинтересираните кандидати ќе можат да добијат повеќе информации за можностите за работа во LIDL.
– Дојди во Струга на 22 јуни и дознај како да станеш дел од тимот на LIDL, порачуваат од компанијата, упатувајќи ги заинтересираните повеќе информации да побараат преку порталот за вработување jobs.lidl.mk.
Над 200 милиони евра инвестиции во Македонија
Од почетокот на своето присуство во Македонија, LIDL инвестирал повеќе од 200 милиони евра во развој на современа логистичка и малопродажна инфраструктура. Компанијата посочува дека логистичкиот центар во Куманово е најголемиот LIDL логистички центар на Балканот и ќе има клучна улога во снабдувањето на идните маркети низ земјата со свежи производи и современи логистички решенија.
Македонските производи на европските пазари
Покрај отворањето нови работни места, компанијата ја истакнува и соработката со домашните производители. Според податоците на LIDL, во текот на 2025 година извозот на македонски производи преку нивната меѓународна мрежа достигнал 15,5 милиони евра, што претставува значителен раст во однос на претходните години.
Од компанијата оценуваат дека ова отвора нови перспективи за македонските производители, овозможувајќи им пристап до европските пазари, зголемување на производството и унапредување на квалитетните стандарди.
Неофицијално: LIDL веќе обезбедил две локации во Охрид
Според неофицијални информации до кои дојде Ohrid1, германскиот трговски синџир веќе купил две парцели во Охрид, што дополнително ги засилува очекувањата дека отворањето на првите маркети во охридскиот регион е само прашање на време.
Влезот на LIDL на локалниот пазар, според економските аналитичари, би можел да донесе повеќе придобивки за граѓаните – поголема конкуренција, подобрување на понудата на производи, поконкурентни цени, но и отворање на нови работни места.
Истовремено, присуството на еден од најголемите европски малопродажни синџири би можело да поттикне дополнителни инвестиции и да придонесе за економски развој на регионот.
Додека подготовките за отворање на маркетите се во тек, интересот кај граѓаните е сè поголем, а многумина со нетрпение го очекуваат моментот кога LIDL и официјално ќе ги отвори своите врати и во Македонија.















