Симоноски, историчар и студент на магистерски студии по средновековна историја при Филозофски факултет, е избран за заменик претседател на ISHA International, меѓународна студентска организација формирана во 1990 година, која обединува студенти и млади истражувачи од цела Европа од областа на историјата.
Изборот се одржа во рамки на ISHA Spring Seminar, организиран од ISHA Ljubljana, нивната студентска секција, на Филозофскиот факултет во Љубљана, при што Симоноски ја доби поддршката од делегатите и членовите на организацијата. Неговото именување претставува признание за досегашниот академски ангажман и активното учество во меѓународни научни и студентски иницијативи.

„Преземањето на оваа функција претставува чест, но и одговорност. Во наредниот период ќе се залагам за напредок на меѓународната соработка, поддршка на студентските истражувања и понатамошен развој на ISHA International како релевантна платформа за млади историчари“, изјави Симоноски.
Во рамки на својата функција како заменик претседател, Симоноски ќе биде вклучен во координација на активностите на организацијата, развој на нови програми и зајакнување на институционалната соработка на меѓународно ниво.











