АктуелноОхрид

Пуштена во употреба новата спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и неговите соработници, денеска присуствуваа на свеченото отворање на новата спортска сала во ООУ„Ванчо Николески“ во село Лескоец.

Новиот спортски објект се простира на површина од 592 квадратни метри и располага со современо повеќенаменско игралиште, соблекувални и придружни простории. Со нејзината изградба значително се подобруваат условите за изведување на наставата по физичко образование, но истовремено се создава простор за спорт, рекреација и дружење за сите жители на Лескоец.

-Се работи за еден капитален проект што со децении беше очекуван од жителите на ова населено место. Новата спортска сала претставува инвестиција во младите во Лескоец, во нивниот правилен развој и унапредување на спортот. Очекувам салата да биде место каде што ќе се создаваат нови пријателства, ќе се остваруваат нови успеси и ќе се развиваат нови спортски таленти. Општина Охрид и понатаму останува посветена на вложувања во образованието, спортот и подобрувањето на условите за живот во сите населени места, истакна градоначалникот Пецаков.

Новата спортска сала е наменета за спортски и рекреативни активности во мали спортови, како што се кошарка, одбојка, мал фудбал, ракомет и гимнастика, како и за реализација на наставата по физичко образование и рекреативните активности на учениците. Објектот е изграден согласно најсовремените стандарди за противпожарна заштита, со што се обезбедува максимална безбедност за учениците, наставниот кадар и сите посетители.

Вредноста на инвестицијата изнесува 29.850.893 денари. Од вкупната сума, 20 милиони денари се обезбедени од Владата на Република Македонија, а 9.850.893 денари се издвоени од буџетот на Општина Охрид.