Во присуство на речиси сите доктори и персоналот на центарот за Кардиоваскуларни заболувања Охрид, денеска директорката Д-р Билјана Теговска одржа прес конференција за она што погдолг период е главна тема на разговор во клиниката помеѓу неа и Д-р Виолета Мојскоска Наумовска.
Грантот кој неодамна беше доделен на д-р Виолета Мојсоска Наумовска , за едногодишен тренинг
во болница во Италија, болницата ја дозна од социјалните мрежи и медиумите, во апликацијата меѓудругото потребна е и препорака од актуелниот раководител на одделот, а според наши сознанија д-р Мојсоска- Наумовска ниту ги има побарано ниту добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација, истакна на денешната прес конференција д-р Билјана Теговска, директорка на Специјалната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања Охрид. Потенцира дека болницата побарала дообјаснување од давателот на грантот, а не негово повлекување или откажување.

– Грантот кој го доделува EAPCI (една од асоцијациите на ESC-Европското здружение за кардиологија) е наменет за млади кардиолози до 40 години и предвидува едногодишен тренинг во болница во Италија. Иако апликациите за овој грант кандидатите ги поднесуваат лично, согласно правилата на давателот на грантот, кои се јавно достапни, во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави и препорака од актуелниот раководител на Одделот во кој кандидатот работи или актуелен ментор (супервизор) доколку апликантот работи под супервизија. Според нашите сознанија д-р Мојсоска- Наумоска ниту ги има побарано, ниту ги има добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација. Заради целосно разјаснување на оваа состојба, од страна на Болницата беше побарано дообјаснување од давателот на грантот, а во ниеден момент не беше побарано повлекување или откажување на грантот. Инаку д-р Мојсоска- Наумоска речиси 3 години не работи во Одделот за интервентна кардиологија, каде има работено само шест месеци откако стана специјалист-кардиолог, истакна д-р Теговска.

Во однос на професионална дообука и усовршување на кадарот директорката појасни дека се прават планови за работа, исполнување програми и планови за едукација, сето тоа досега одело во консултација со болницата и менаџментот. За понатамошните чекори, директорката рече дека прво чекаат официјална потврда од ESC, за да може да се види од документацијата на кој начин е аплицирано.
Конкретната ситуација со предметниот случај го образложи д-р Дејан Манчевски.
– Во 2019 година имавме еден интересен случај, со пациентка со гангрена, д-р Виолета Мојсоска како помлад доктор на специјализација тогаш беше присутна во салата кога јас ја правев интервенцијата. Интервенцијата заврши успешно и случајот беше пријавен на Европскиот конгрес во Париз, 2020 година беше примен таму. Истиот случај сега, во декември 2025 година беше презентиран од страна на докторката во Дубаи, истиот случај пришто јас, како главен оператор, бев изоставен да бидам напишан во апстракт бук или во било каков коментар, нешто што е недозволено во нормалниот медицински свет. Такви работи се недозволени со мој труд, без разлика што колешката беше присутна, главниот оператор е одговорен за сите постапки за време на интервенцијата. Заради тоа јас лично реагирав, истакна д-р Манчевски.
На прес конференцијата претходеше допис што синоќа до медиумите го испрати д-р. Виолета Мојсоска- Наумовска во кое информира за континуираното и систематско кршење на нејзините права и законски прописи, како и за заканите за јавна дискредитација што, како што кажува, се вршат врз неа и нејзините колеги.

– Целта на прес конференцијата, која е со поддршка на локалната власт, не е да се расчистат нерегуларностите, туку да ме заплашат и дискредитираат мене и да се заплашат и дискредитираат оние кои претходно ги објавија моите соопштенија во јавноста, барајќи заштита и почитување на законите. Жално е што колеги, со кои отсекогаш сум имала само коректен и колегијален однос, се принудени да учествуваат во вакви дејствија, спротивни на професионалната етика и интегритет, наведува д-р. Мојсоска- Наумовска во дописот. Таа додава дека континуирано е изложена на психичко вознемирување од страна на в.д директорката, несовесно, нестручно, незаконско и неовластено постапување, употреба на сила, закани и психичко насилство што предизвикува душевна болка и страдање.










