Охрид

Акција за одлагање текстилен отпад на 27.02.2026г

Дали знаете дека текстилниот отпад е еден од најбрзорастечките видови отпад денес, а само околу 1% од целиот текстилен отпад се рециклира. Облеката што ја носиме сè пократко најчесто завршува на депонии и ѓубриштата, наместо повторно да се користи. Таму, текстилот се распаѓа многу бавно (до 200 години за синтетичките материјали), при што ослободува метан, гас што придонесува за климатските промени, како и исцедок што ја загадува почвата и подземните води со токсични материи.
Синтетичките материјали како полиестерот кои се околу 60% во секое парче облека денес, дополнително ослободуваат микропластика која завршува во водата и храната. Производството на облека троши огромни количини вода, енергија и суровини. Со селекција, донирање и повторна употреба на текстилот ги штедиме ресурсите, го намалуваме загадувањето и придонесуваме за циркуларна економија.
Првиот контејнер за одлагање на текстилен отпад во Охрид може да го најдете до задниот влез на Охрид Мол. Дополнителни контејнери се поставени во некои од училиштата кои се дел од програмата “Училишта без пластика” и партнери на кампањата “Чисто е убаво”, кадешто во организирани еко акции еднаш месечно ќе се овозможи одлагање на стара облека. 👚
Следната акција за одлагање на текстилен отпад ќе се случи овој петок, 27.02.2026.