Со традиционалното дефиле на маските, денес околу 15 часот официјално започнува Вевчанскиот карневал, една од најстарите и најпрепознатливи карневалски манифестации во Македонија и пошироко на Балканот. Илјадници посетители од земјата и странство се очекува да пристигнат во Вевчани за да бидат дел од оваа автентична прослава исполнета со сатира, хумор и народна традиција.
Карневалската поворка, составена од локални жители маскирани во традиционални и современи ликови, зетот и невестата како и глупавиот август заедно со останатите поединечни и групни маски
ќе продефилира низ централните улици на селото, носејќи пораки инспирирани од актуелните општествени и политички случувања. Препознатливиот вевчански хумор и критичка острица и оваа година ќе бидат во фокусот на вниманието.
Во рамки на карневалот, кој традиционално се одржува на 13 и 14 јануари, предвидени се бројни културно-забавни настани, концерти и дружења, а кулминацијата ќе биде утре со симболичното палење на карневалската маска и прочистувањето од злите духови.
За вечерашниот дел од забавниот карактер на карневалот предвидени се настапите на фолкерите Благоја Грујовски, Влатко и Златко Миладиноски а закружувањето до доцна во ноќта на забавата ќе биде Перо Бели.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на традицијата и карневалската магија да го посетат Вевчани и да учествуваат во прославата која со векови го чува духот на слободното изразување и народната креативност.












