АктуелноОхрид

Есенски еко пазар “Пљачки рецикларница” на Училиштата без пластика

Четвртиот по ред еко пазар на “Училиштата без пластика” ќе се одржи утре, 20ти декември од 12.00 часот во Охрид Мол. Пазарот на облека, обувки, книги и други предмети на втора рака е дел од напорите на програмата за подигање на свеста за опасностите од текстилниот отпад и негативните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина на брзата мода.
Заради зголеменото производство на облека и олеснет пристап до нови парчиња на текстил, трендот е намален број на носења на облеката којашто ја поседуваме така што таа завршува многу побрзо по ѓубриштата, а во меѓувреме купувањето на нова облека е зачестен. Покрај совесното донирање, купувањето на облека на втора рака е еден од најефикасните начини со коишто како заедница можеме да придонесеме кон поодржлив начин на живеење. Еко пазарот има за цел и да ја намали стимгата во однос на носење на облека на втора рака и да промовира позитивни пракси за одржливо живеење коишто се секојдневие во развиените земји.
Пазарот е организиран од Збогум Буково во соработка со Тексомак и Ј.П. Охридски Комуналец. Покрај можноста да купите нешто уникатно за вас и вашите најблиски, децата ќе имаат можност да учествуваат на креативна работилница за реупотреба на стар текстил и правење на еколошки, новогодишни декорации.