Наш ИзборНаш изборОхрид

Николоски: Во подготовка сме за градење на брза пруга од Скопје до Солун

Во подготовка сме за градење на брза пруга од Скопје до Солун, на вчерашната седница на Владата усвоена е одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, се отвараат нови винарии во Тиквешијата. Целта ни е да ја олесниме и изградбата на нови хотели и да ги задржиме туристите кои транзитираат низ Коридорот 10 или официјално Е-75, порача денеска вицепремиерот и министер за траснпорт Александар Николоски на панел дискусијата во рамките на конференцијата „ Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.

– На дражавата и фалат хотели и повеќе добри хотели. Во моментов сме во една ситуација кога е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, зборувам во заштитените подрачја. Зборувам за Охрид, за Битола старото јадро, Кратово, Старата скопска чаршија… Таму е практично невозможно да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема ниеден хотел со пет ѕвезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Од една страна во ред е и треба да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја олесниме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж Коридор 10, истакна вицепремиерот.

Николоски рече дека Министерството заедно со Светска банка е веќе во постапка за набавка на интелегнтни транспортни системи, иновација во делот на автопатиштата. – Автопатите стануваат смарт автопати, стануваат нешто повеќе од само едно безбедно возење. Македонија прва во регионот ќе има смарт автопат од граница со Србија до граница со Грција, најави Николоски.

Тоа значи дека во реално време ќе може да се следат временските услови на патот, густината на сообраќај, со која брзина се вози, доколку има несреќи, електрични полначи, интернет итн. Втората работа што се работи на Коридорот 10 е целосна рехабилитација, иако одредени делови се во одлична состојба.

Потенцира дека туризмот е еден од главните приоритети на оваа Влада и оти не случајно минатата година се создаде Министерството за култура и туризам. Според него, земјава ги има искористено само 10 отсто од можностите за развивање на туризам.

– Потенцијалот е огромен, и би рекол дека не е ни десет проценти искористен од она што може да биде искористено. Тука, би рекол постојат огромни конфлити од она што сакаме да го постигнеме до законските одредби, заштитите… Тоа се стратегии кои во следниов период ќе мора да ги отвораме и да ги прилагодуваме на новото време доколку навистина сакаме да развиваме туризам, во спротивно ќе останеме на ова ниво на кое ние мислиме дека го има, а во суштина тоа не е така. Најдобар доказ за ова е растот кој што се случува последнава година, рече министерот за траснпорт.

Ретко која држава, потенцираше Николоски, има двоцифрени бројки на раст на ноќевања на туристи, ретко во која држава расте бројот на патници на аеродромите и луѓе кои доаѓаат во државата.

– Прво, од изборот на Владата до денеска имаме 21 нова директна дестинација до Македонија. Редовно се лета до скопскиот и до охридскиот аеродром. На тоа има дополнително 17 чартер дестинации. Дел летаат во зимскиот, дел летаат во летниот период. Особено ми е драго што ТУЈ најави пред некој ден нова линија со седумдневни аранжмани од Лондон, Гетвик до скопскиот аеродром што многу ќе значи за враќање на британските туристи во земјата, посочи Николоски.

Преку десет милиони луѓе минатата година поминале преку автопатот Е-75 односно Коридорот 10, а оваа година за првите девет месеци има рекордна наплата на патарини кои се главно на Коридорот 10 и, како што нагласи Николоски, тоа јасно кажува дека транзитот се зголемува. – И затоа тоа е коридор кој го носи најголемиот економски и бизнис потенцијал, и секако туристички потенцијал, рече министерот.

Силно се работи на брза пруга што тоа многу ќе значи за туризмот, додаде Николоски, посочувајќи на предноста што би ја имале доколку од Скопје до Солун се стасува само за час и дваесет-дваесет и пет минути, или од Белград до Скопје за два часа и 15 минути.

– Очекувам дека кога ќе се заврши Коридорот 10, кој ќе почнува од Виена, авиосообраќајот да се намалува кон јужните мориња, а да се зголемува оваа рута која поминува низ Македонија, рече Николоски.

 

 

 

sitel.com.mk