АктуелноОхрид

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ добитник на престижна еТвининг плакета за 2025/2026 година

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност им додели еТвининг плакети на 25 образовни институции од земјава. Меѓу наградените се најде и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид.
Училиштето ја доби оваа значајна награда како признание за доследната и јасна посветеност кон вредностите на eTwinning програмата. Под водство на наставниците Љупчо Балески, Јорданка Недеска Симиџиоска, Билјана Божиноска и Ирина Димзова Треневска, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ активно применува дигитални и креативни алатки за унапредување на наставниот процес и образовните резултати на учениците.
Покрај тоа, оваа награда ги признава и напорите на училиштето во промовирањето на континуираниот професионален развој на наставниот персонал, со цел постојано унапредување и ажурирање на нивните вештини во корист на учениците.
Исто така, училиштето се вклучи во успешна и плодна соработка со други eTwinning училишта, со што дополнително го зацврсти своето место во европската образовна мрежа.