Вчера, на Стара нова година a во пресрет на денешниот празник Свети Василиј Велики-Василица, претставници на Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид, го посетија геријатриското одделение при Општата болница во Охрид.
Со љубов и со голема почит, посакувајќи им среќни празници и среќна 2025 година, на 23-те повозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат и кои, со насмевка на лицето, не пречекаа во холот од одделението украсено со Новогодишна елка, ги замоливме да ги примат нашите пригодни подароци и вртената пита со паричка. Според традицијата и обичаите за прослава на Василица, на геријатриското одделение се кршеше питата а среќата да ја најде паричката, ја имаше чичко Живко од Охрид.Тој, не го криеше своето задоволство и видливо беше горд, задоволен, вистински среќен и насмеан.
На одделението, се создаде вистинска празнична атмосфера во која, 67 годишната тетка Нада и 84 годишниот дедо Божин, во дует отпочнаа да пеаат македонски песни а „пратечки вокали“ бевме сите ние заедно. На геријатриското одделение, покрај тетка Нада и дедо Божин, престојуваат уште дваесеттина други лица меѓу кои и баба Агапи од Струга како и 97 годишната баба Стојанка која не пречека во нејзината соба. Со сите нив поразговаравме, ги прашавме како се, како се чувствуваат, како го поминуваат денот, им посакавме добро закрепнување, добро здравје и среќни моменти. Ни кажаа дека се благодарни на грижата од семејствата и на медицинскиот тим од одделението а тетка Нада ни рече „привилегија е да остарите“ и не потсети да бидеме благодарни на Господ за животот и за секој поминат момент. Ним, од срце им се заблагодаривме за топлиот пречек, за времето што го поминаа со нас, за сета добрина која ни ја покажаа и за мудрите размисли, стекнати со нивната долговечност.
На заминување, добрите луѓе од геријатриското одделение, не испратија со насмевка на лицето, ни пружија рака во знак на пријателство, ни посакаа среќни празници и како добри домаќини, од душа ни упатија покана за повторна посета. Така срдечно и топло, не поздрави и дедо Божин кој не испрати до врата, ги крена рацете високо и среќно ни рече „Бидете живи здрави, да живее Македонија, да се видиме пак”.
Ќе се видиме дедо Божин, бабо Стојанке, тетка Наде, ќе се видиме, со Господ напред, да сме живи здрави сите, за многу години, им одговоривме. Благодарни сме што не примивте денеска и што со Вас, како наши пријатели, се почувствувавме посреќни. Честити и среќни празници упативме и до целиот медицински тим на геријатриското одделение, им посакавме добро здравје и им искажавме почит за нивната силна и безусловна посветеност во зачувувањето на здравјето на луѓето за кои се грижат.
Нашите родители, нашите дедовци и баби, нашите повозрасни претци, ја заслужуваат целата љубов и почит на овој свет. Тие беа и се, нашиот столб. Тие се вградија себе си во нас, во нашиот развој и прогресот на Македонија.
Претседател на ИПА Охрид
М-р Стефан Димоски