АктуелноОхрид

Децата од реканскиот регион на гости кај своите другари од Кичево

Со благослов на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, дечињата од реканскиот регион, викендов беа во посета на нашиот манастир, каде заедно со своите домаќини од Кичево – членовите на хорот Митрополит Козма Пречистански – зедоа учество не само во секојдневниот богослужбен ритам на манастирот, туку присуствуваа и на специјално организираните активности за нив.

Пеењето на Божиќни каланди, часови по Вероучение, запознавање со знаменитостите на градот Кичево, како и со историјата на нашиот древен манастир посветен на Богомајката Пречиста, во нив внесе голем ентузијазам, будејќи им нови креативни сили за учење и создавање. Нивните прекрасни гласови одекнуваа низ манастирските ѕидини, носејќи им радост и топлина на сите присутни.

Оваа посета на манастирот Пречиста, беше одлична можност за децата од реканскиот регион да стекнат многу нови пријателства и да ги зацврстат другарските врски со своите врсници од градот Кичево.
Посетата беше надополнета и со многу изненадувања, неѓу кои и она што беше приредено од страна на почитуваните пријатели на нашата света Обител, семејството Андоноски од Битола, кои подготвија забавни активности, како и празнично пакетче за секое од дете.

Изразуваме огромна благодарност кон нашиот Старец и Епископ Антаниски г. Партениј, за тоа што ни овозможи да бидеме дел од една прекрасна, чиста и искрена дружба, имајќи можност да придонесеме за доближување на чистите детски срца до Бога.

 

 

 

Бигорски манастир