Во манастирот на Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник и денеска се служи богослужба по повод празникот Св. Климент.
На Божествена Литургија чиноначаствува епископот Хераклејски- Климент.
Голем број верници денеска го посетуваат Светиклиментовиот храм на Плаошник каде традиционално масовно се чествува празникот на големиот светител, заштитник на Охрид и патрон на Македонската православна црква ОА – Св. Климент Охридски Чудотворец.
Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во Охрид тие ја основале познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3500 ученици за црковна богослужба.
На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените. Започнал новиот период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација.
Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.
Св Климент се упокоил во 916 година и бил закопан во гробот што го ископал со сопствени раце во црквата посветена на Св. Пантелејмон на Плаошник.