УНЕСКО по трет пат предупредува дека Охридскиот регион е под закана од дивоградби, урбанизација и несоодветно планирање. Се бара итна акција од Северна Македонија и Албанија за зачувување на ова природно и културно богатство за да не биде ставено на Листата на светски наследства во опасност.
Реактивната мисија на УНЕСКО во најновиот извештај за Охридскиот регион повторно ја истакна итната потреба властите во Северна Македонија да преземат конкретни и решителни чекори за да ги заштитат уникатните природни и културни богатства на Охрид.
Ова е трет извештај на УНЕСКО во кој вели дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање и инфраструктурните проекти нанесуваат неповратна штета врз Охридскиот регион, којшто може неповратно на краток или среден рок да ја загуби Исклучителната универзална вредност.
Соочен со сериозни закани, Охрид останува под постојана опсервација на телото на Обединетите нации, кое и овој пат предупреди дека е можно Охридскиот регион да биде ставен на листата Светски наследства во опасност.
slobodnaevropa.mk