АктуелноОхрид

Светска и балканска гастрономија на ФТУ на 9 ти и 10 ти октомври

Факултетот за туризам и угостителство – Охрид по втор пат ќе биде домаќин на великаните на светската и балканска гастрономија. На покана на доц. д-р Климент Наумов, а во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и со поддршка од општина Охрид, ќе гостуваат еминентни стручњаци од областа на кулинарството како Изток Легат (Словенија), Уве Мишел (Германија), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска), Хамид Хаџиќ (БиХ) и Асан Даутовиќ (Македонија).

Доајенот Стево Карапанџа заедно со негови колеги шефови Изток Легат и Уве Мишел, како врвни готвачи од светски ранг, на ден 9ти октомври ќе одржат теоретски и мотивациони предавања пред студентите по гастрономија на Факултетот за туризам и угостителство, како и поширокиот кулинарски аудиториум, информираат од ФТУ.

На 9ти октомври со почеток во 13:00 часот ќе се одржи прес конференција за медиумите во амфитеатарот на факултетот на која ќе говорат градоначалникот на општина Охрид др. Кирил Пецаков, Вања Тодоровска, гласноговорник на ГАСТРОМАК и доц. д-р Климент Наумов, како раководител на катедрата по гастрономија при ФТУ-Охрид.

На 10ти октомври шеф Драгица Лукин и шеф Жељко Невен Бремец ќе одржат целодневен мастер клас во кујната на факултетот од областа на слаткарството и подготовката на јагнешко месо на традиционален начин. Ова е прв од низата настани поврзани со гастрономијата на нашата институција за академската 2024/2025, а ќе следуваат уште гостувања на врвни експерти од областа на кулинарството во претстојниот период, потенцираат од ФТУ.