АктуелноОхрид

(ФОТО) Синоќа претставени учесниците на 37. Охридски пливачки маратон

На пригодна свеченост која се одржа вчеравачер на платото пред хотелот „Палас“ беа претставени учесниците на 37. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота на 31-ти август.
На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година ќе запливаат вкупно 19 натпреварувачи од кои 11 во машка и 8 во женска категорија. Покрај домашните пливачи, на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.
Во рамки на настанот беше доделена спортската награда „Климе Савин“ , која оваа година му беше врачена на реномираната македонска пливачка Теодора Раптис за посебен придонес и афирмација на Охридскиот пливачки маратон.
Охридскиот пливачки маратон е симбол на нашиот Охрид и прекрасното Охридско Езеро и затоа ми претставува огромна чест и особено задоволство што можам да дадам свој личен придонес за продолжување на децениската традиција.
Упатувам особена благодарност до сите оние кои се вклучени во организацијата и кои го поддржаа овогодинешното издание на пливачкиот маратон. Вашата општествена одговорност е доказ дека само низ заедничка соработка може да се постигне посакуван успех.
Општина Охрид останува неуморно посветена на поддршката на спортот и развојот на нашиот град како светска спортска дестинација. Нашето вложување во спортските настани ја потврдува нашата визија и верба во огромните потенцијали на регионот, особено за водените спортови.
Посакувам да имаме успешно издание на Охридскиот пливачки маратон, мирно езеро, погодни временски услови и врвни резултати за маратонците, напиша во својата објава градоначалникот Кирил Пецаков.