недела, ноември 10, 2024
АктуелноОхрид

Дебарско-кичевска епархија, Свето Преображение на Господ Исус Христос во црквата Св. Ѓорѓи Струга

„Откако на оние што се искачија на Гората со Тебе им откри само мал зрак од Твоето божество, Спасителе, ги направи љубители на Твојата небесна слава. Затоа восхитено викаа: Добро ни е да бидеме овде. Со нив и ние Те воспеваме Тебе, Спасителот Христос Кој се преобрази, во вековите“ (стихира самогласна на Утрена на Свето Преображение).

На 19.08.2024 година, денот кога го прославуваме Светото Преображение на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, денот кога Спасителот им ја покажа Својата слава на учениците, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Ристе Наумоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На светата Литургија, беше благословен и новиот лозов плод, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден Господов празник, поточно го прославуваме Преображението на Господа Исуса Христа на Гората Тавор. Како се преобразил Господ Исус Христос? Во Светото писмо пишува дека кога Господ Исус Христос се молел на планината Тавор, во присуство на Своите тројца ученици Петар, Јаков и Јован, лицето му засветело како сонце, а алиштата му постанале бели како светлина (Мт. 17, 1-2). Тоа значи дека Господ Христос се облекол во небесна слава и сјај, што можеле да го видат само присутните апостоли.

Зошто Господ се преобразил? Се преобразил за да им ја покаже на исплашените апостоли Својата слава и Своето Божество, а тоа да им биде утеха кога ќе им намали или ослаби нивната вера за време на Христовото апсење, судење и страдање во Ерусалим. А тој период ќе настапи многу бргу по Преображението. Значи Господ се преобразил најпрво за да ја утврди верата на апостолите во Него, како во Син на Живиот Бог, а преку Своите апостоли да ја утврди верата кај сите Негови следбеници низ сите времиња до денешен ден и до крајот на вековите и времињата. Второ, Господ се преобразил за да ни покаже и нам дека и ние треба да се преобразиме, и за да ни ја покаже славата што нѐ чека ако поверуваме во Господа и живееме според законот Божји.

Смислата на денешниот празник е да се засили верата во нас, а преку таа вера да се преобразиме и да постанеме вистински деца Божји. Всушност, и главната смисла на Христовата проповед на земјата е да ја разбуди верата кај оние кои била заспани, да ја засили кај оние кои биле малодушни и страшливи, да го запали огнот на верата кај оние кои биле затрупани со немоќта на гревот, страста и порокот. Тоа го правел Господ со секој Негов збор, со секоја Негова постапка, па и на денешниот настан – на светлото Преображение, имал цел да ја засили верата најпрво кај апостолите, а потоа и кај сите следбеници.

Зошто Господ Исус Христос толку настојувал да ја засили нашата вера? Затоа што верата е тврдина на нашата душа. Ако тврдината е цврста и солидно поставена, ако постојано ја одржуваме и се грижиме за неа, тогаш непријателот не ќе може да нѐ изненади и да ја освои нашата душа. Дека верата е тврдина на нашата душа добро го знае и главниот непријател на човекот – демонот, односно ѓаволот, па затоа постојано ја напаѓа таа тврдина. Тој добро знае дека ако ја разниша таа тврдина тогаш лесно ќе господари потполно со човекот. Светите апостоли ја почувствувале сета демонска лукавштина и добро ги испитале сите замки што сатаната ѝ ги поставува на нашата вера, па затоа во една прилика Го молеле Господа Исуса Христа: Засили ни ја верата (Лк. 17, 5).

И ние се молиме секој ден Господ да ни ја засили верата. Змијата најмногу ја чува својата глава од опасности, и затоа и Господ во Евангелието ја нарекува мудра. Така и ние да ја чуваме главата на нашиот духовен живот, а тоа  е верата наша. Ништо не може да ја замени верата, ниту богатството, ниту славата, ниту науката, ниту каква и да е философија и мудрување, ниту сиот свет од едниот до другиот крај. Тоа добро го знае демонот, вечниот човекомрзец и човекоубиец. Затоа и постојано ја напаѓа и ја искушува нашата вера, нѐ збунува поколебувајќи ги нашите мисли и вознемирувајќи ги нашите души. А ако демонот знае дека верата е главна работа, тогаш ние мораме да го знаеме тоа уште повеќе. И Спасителот дојде во светот поради верата наша, дојде и пострада на крст за да нѐ спаси.

А за да не се случи нашата вера да падне во искушение, треба да бидеме постојано трезвени и внимателни. Додека сме мали деца нашите родители нѐ советуваат, пазат да не стапнеме во дупка или да не паднеме во длабока вода, да не згазнеме нешто страшно и сл. Така и нашата света Црква ги опоменува своите членови: бидете трезвени и пазете се, бидејќи ѓаволот оди лукаво и ја бара жртвата за својата замка. Затоа да бидеме внимателни и да не допуштиме нашата вера да биде поколебана и доведена во прашање во ниту еден момент од нашиот живот. Верата е најдрагоценото благо во нашиот живот. Верата нѐ поврзува со Бога, верата нѐ прави деца Божји, верата нѐ спасува и нѐ води во вечен живот. Затоа, кога ни е тешко и кога ќе наидат искушенија, да отидеме во нашите свети храмови и манастири, и тука, покрај светите икони и светите мошти, да се помолиме и да повикаме кон Господа. А Господ нашиот Бог ќе нѐ избави од искушенијата и ќе ја засили нашата вера, зашто само Бог и Неговите угодници можат да ни помогнат.

Ви посакувам да се вратите од оваа богослужба охрабрени, засилени во верата и преобразени во мислите и чувствата. Тоа освежување и охрабрување да го пренесете на вашите домашни, роднини и пријатели. На тој начин најдобро ќе го прославиме денешниот празник Преображение и ќе имаме најголема корист за наше духовно издигнување и вечно спасение. Амин.

Преображение Господово

Храм „Св. Ѓорѓи“ Струга

19.08.2024 г.