„Свештенотајнику, откако си проникнал во бездната на Божјата Премудрост, богатството на божествените Писанија оттаму си ги нацрпил, со кое елинскиот глас, со словенски јазик си го појаснил, семудри Клименте. Затоа со љубов те славиме“ (стихира на Утрена по Псалм 50-ти).
Прославата на светиот Климент Охридски, на светите Седмочисленици и на св. вмч. Пантелејмон продолжи на 09 август 2024 година, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ефтим Бетински и Љупчо Двојаковски, протоерејот Горан Ставрески, протонамесникот Младен Јурошевиќ од Српската православна црква, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Светиклиментовото дело продолжи и денеска во неговиот манастир, преку раката на нашиот свет Владика, кој го ракоположи монахот Амвросиј во ероѓаконски чин, на кого му честитаме со желби и молитви за достоинствено носење на новиот крст што денеска го прими. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Пимен
Ваше високопреосвештенство, чесни отци, сакани браќа и сестри,
И не е важно од каде доаѓаш кога знаеш каде одиш. Особено кога знаеш дека на тој твој пат го имаш Господа Бога за сигурен сопатник. Тогаш така вооружен со вера во срцето и бројаница во раката, со постојана молитва на твоите усни, не се плашиш од ниедно искушение, зашто знаеш дека ниедно искушение не е поголемо од она кое можеш да го носиш. И така бестрашно чекорејќи несомнено ќе израснеш во непоколеблив борец во верата Христова, и стократен плод ќе дадеш подобно на семето кое што паднало на плодна почва. Зашто верни се зборовите на Христа од параболата со сејачот кој излезе да сее.
Верни се зборовите, затоа бројни се примерите низ христијанската историја раскажани и посведочени низ житијата на светиите на свети луѓе, на кои не им го знаеме ни датумот, ни местото на раѓање, но им го знаеме подвигот и делата чинети со вера кога и болни лекувале, и мртви воскреснувале, и поучувале и бесчислено мнозинство народи кон спасението приведувале. И поради сѐ ова, по ветувањето на Христовото, го знаеме нивно последно место на живеење. А тоа место е вечноста во Царството Небесно, од каде и ден денес и низ сите векови, светите, ги услишуваат нашите молитви и се молат за нас на Господа Бога Света Троица пред Неговиот Престол на Небесата.
За еден таков светител и денес си спомнуваме и неговиот спомен го славиме. Денес си спомнуваме за нашиот Охридски светител, за патронот на нашата света Македонска Православна Црква и Охридска Архиепископија, Светиот Климент Чудотворецот.
И така спомнувајќи си за Климента, десетина века наназад и сите извори по кој знае кој пат препрочитувајќи ги, нигде место на неговото раѓање нема да сретнеме, нити пак датум на неговото раѓање ќе најдеме. И уште еднаш ќе се увериме дека нити датумот, нити местото на раѓање се релевантни за нашето осветување и обожување по благодат, туку истрајноста во подвигот на љубовта кон Христа и исполнувањето на Божјите заповеди низ нашиот земен живот.
За местото и датумот не ќе прочитаме, но низ неговото житие ќе прочитаме дека од мали нозе, Светиот Климент, ја имал можноста да ги слуша проповедите на својот божествен учител светиот Методиј. И така растејќи и учејќи се од неговиот пример станува сопатник на горостасните сѐсловенски просветители при нивните мисии. Сопатник кој на тие патувања се обогатува духовно со знаењата за Бога, но се соочува и расте и со безбројни искушенија на гонења и затворања.
Но, светиот Климент, сведок е и на она историско сведочење и победа на Светиот Кирил Философот пред папата Адријан дека нема богоизбрани јазици за проповед на Словото Божјо, туку дека секој човек треба да учи за Бога на свој разбирлив јазик и на тој јазик да го слави. Па така продуховен и окуражен се зафаќа со просветителската и преведувачката дејност оставајќи ни нам, неговите верни чеда, напишани дела достојни за почит, зашто не се во ништо помали и побезначајни од оние на големите отци на црквата од раните векови.
И така патувајќи и работејќи израснува во добар пастир кој е спремен душата своја да ја положи за овците свои. А нам, пак, таков првосвештеник и ни требаше, кроток, молитвен, богољубив и човекољубив. Та Господ Бог го испрати на ова место, на последната мисија, да ни биде просветител и молитвен покровител. Да нѐ учи и подучува и во словата и во верата.
И наоѓајќи плодна почва го посејува семето, кое што и денес дава стократни плодови.
И во толкуте дела од него напишани, пак време и место не ќе најдеме, но сепак по делата знаеме дека го изоди патот до крај и дека стигна онаму каде што со вера и радост чекореше, дека живее вечно на небесата. Зашто бројни се и делата и чудата негови низ вековите по неговите чудесни јавувања и услишувањата на молитвите упатени кон него.
Па затоа за свети Климента ќе си споменеме и достојно ќе го прославиме и кога ќе погледнеме наоколу колку цркви од урнатините се открија, колку цркви се возобновија како и храмов во кој денес соборно се молиме, но и нови се изградија за да сведочат и за сејачот, за свети Климента, и за достојните наследници на неговиот трон, но и за тоа дека сѐ уште сме плодна почва која дава плод.
Да си спомнеме денес и за сите оние архиереи кои застанале на неговиот трон и за нивните дела или злодела, за да видите кои од нив израснале во мерата на Свети Климента, кои од нив жив го чуваат и го предаваат на идните генерации неговиот спомен. Кои од нив биле вистински пастири, кои подобно на светиот, својот гроб си го одредиле и си го ископале да им биде тука меѓу своите по плот и по дух, а кои доаѓале како наемници само да ограбат и да украдат. А ги имало за жал и такви.
Спомнете си и за вашите свештеници и учители во верата кои овој град ги раѓал и ќе ги раѓа. Спомнете си и за царското свештенство, верниот народ, кој преку причестувањето со Телото и Крвта Христови во овој и овие многубројни храмови во непосредна близина, го чекореле патот кон Царството Небесно, преку секогаш испружената рака на свети Климента да ни помогне кога ни е најтешко, или да ја сподели со нас и радоста кога од рушевини возобновуваме, кога зрачиме како светило од врв планина наоколу.
Спомнувајте си за Климента преку делата негови и извршувате ги. Љубете се еден со друг, како што светиот нѐ љуби низ вековите, за секој да нѐ познае дека сме плод од семето кое добриот сејач Климент го посеа на оваа почва.
По молитвите на Светиот Климент Охридски, на Седмочислениците и на светиот Пантелејмон, Господи Исусе Христе помилувај нѐ!
ман. „Св. Климент и Пантелејмон” Плаошник, Охрид
09.08.2024 год.