АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнуваат Втор ден Духовден и Светиот апостол Вартоломеј

Во понеделникот по неделата на Педесетница, се совршува празнување во чест на Светиот Дух. Тој празник бил востановен од Црквата заради величање на Пресветиот и Животворен Дух, кој е еден од Светата и Живоначална Троица, како спротивставување на учењето на еретиците коишто го отфрлаа Божеството на Светиот Дух и Неговата единосуштност со Бог Отецот и Бог Синот. Светиот Дух е еден со Отецот и Синот во сè, затоа Он и совршува со Нив сè, бидејќи самовластен, сесилен и добар. Преку Него се подава секоја мудрост, живот, движење; Он е изворот на секој живот. Он има сè што имаат Отецот и Синот, освен нероденоста и роденоста, исходејќи од единиот Отец. Светиот Атанасиј говори: Духот Свети не е создаден од Отецот, не е створен, не е роден, туку исходи. Но, во што се состои исходењето на Светиот Дух од Отецот за нас е недостижно, исто како што е недостижно и раѓањето на Синот. Затоа Светата Православна Црква никогаш не се решила да ја подвргне таа тајна на Божеството на човечко расудување, туку секогаш ја исповедала, согласно со учењето на нашиот Спасител, Иисус Христос. Господ му открива на човекот толку колку што му е неопходно за негово спасение, та многу тајни остануваат за нас зад непроѕирна завеса. Обогатувајќи го човекот со духовни дарови, и растејќи во него духовни плодови, Светиот Дух го украсува човекот со многубројни добродетели, и го прави, согласно зборовите на Светото Писмо, добро дрво, кое дава добри плодови. Животот по Духот Свети јасно се забележува во плодовите на Духот, коишто се, според зборовите на Апостолот Павле: љубовта, радоста, мирот, долготрпението, добротата, милосрдието, верата, кротоста, воздржанието.

 

 

 

Еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“. Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички. Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабошците ја чуваа во храм во Јерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, кој беше слеп полни четириесет години. Таму против нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст и Филип и Вартоломеј, а Вартоломеј го распнаа со главата надолу. Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе беше издивнал, додека Вартоломеј сè уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но, братот на царот Астијаг завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст. Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата, во градот Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи на неговите мошти се случуваа многу чуда, незнабошците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до островот Липари, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот. Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на свети Јован Химнограф в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“ Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дура. Подоцна, по нападот на арапите на островот Липари, моштите на овој голем апостол беа пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случуваа големи и страшни чуда.

denovi.mk