АктуелноОхрид

(ФОТО) Вечниот Победоносец – спој на вековите и на духовите

Со раце подигнати во славословие и со срца преисполнети со љубов, Му благодариме на Великиот Дародавец, Бог и Спасител наш Господ Исус Христос и на неговиот прославен и победоносен Воин, Светиот Великомаченик Георгиј, кој одново нѐ собра во овој свој Свештен Манастир, во радование и ликување, во светло заедништво во името Христово. Овој пат, за да ѝ се израдуваме на уникатната и благословена прилика – пристигнувањето во овој молитвен дом на неговата чесна и света Икона, која е верна реплика / изобразба на неговата позната Молдавска чудотворна икона, што се наоѓа во светогорскиот манастир Зограф.

Би Ви се доверил дека во овие мигови сум исполнет со една неопислива радост зашто, ете, по милоста Божја и со посредништвото на Христовиот воин, се исполни еден наш долготраен и силен копнеж. Ќе исповедам дека се радувам што и во Рајчичкиот манастир како светол дијамант ќе свети иконата на Светителот заштитник, подобно како што е тоа и во Бигорскиот манастир.

Торжеството на срцето ни е дополнително наградено и поради фактот дека оваа духовна возвишеност ги надминува времето и просторот и нè поврзува со вековните нишки на нашето неисцрпно духовно наследство. Имено, оваа света Икона, којашто е прегрната не само од благодатта и од мистичното присуство на Светиот, туку и од длабочината на ромејските историја и дух, нè потсетува и на нашето место во долгата и богата православна христијанска традиција, на придонесот на нашите предци во заедништвото на тој раскошен верски и културолошки комонвелт.

Првообразната икона, којашто е вистински споменик на византиските уметност и духовност, настанала во Константинопол и најнапред била подарок од ромејскиот василевс Јован VIII Палеолог за некогашното Молдавско Кнежевство, во првата четвртина на 15. век. Подоцна, во 1484 година, величествениот молдавски Воевода Стефан чел Маре ја подарил оваа икона на манастирот Зограф во Светата Гора Атонска, откако истиот го обновил и доизградил, а во знак на благодарност за небесната помош од Светиот Георгиј во неговите битки против завојувачите. Заради своите подвизи за Христовата вера и заштитничкиот однос кон христијанското население во поробените земји, Стефан Воевода ја добил уште и титулата athleta Christi, односно „витез Христов“, чест што ја имале ранохристијанските маченици – воини како Свети Георгиј.

Покрај ова, денешниот настан нè повикува да размислиме и за мистичната врска помеѓу Небото и Земјата, за тоа како духовите на предците говорат во срцата на потомците. Имено, веќе Ви спомнав, одамна ни беше голема желба да ја имаме Молдавската икона на Свети Георгиј во овој наш Свет Манастир посветен нему. И кога најпосле времето се исполни за таа да стаса овде, истражувајќи ја нејзината историја, дознавме дека сребрената украсна риза додадена на иконата во 19. век била изработена по нарачка и како дар од светиот Архимандрит Анатолиј Зографски, роден и израснат во овој славен мијачки и дебарски крај, а замонашен токму во Бигорски. Следствено, овој благороден подарок го носи печатот на нашето локално свештено и национално наследство, толку живо присутно и ден-денес во македонската духовна и културна ризница, и ги оживува духовните врски кои нè спојуваат низ времетечението.

Светиот наш Георгиј Победоносец, кој ја прави реална, жива и силна оваа нишка на поврзување на времињата и просторите, преку својата безгранична љубов кон Христа и бескомпромисна жртва за вистината, нè учи на исклучителната важност на верата, на храброста и на посветеноста. Како велик закрилник на родот Христијански, неговите светост и дела продолжуваат да ни служат како мост кон Божјата благодат, потсетувајќи нè дека секој од нас е повикан да биде светилник на надеж, на добрина, на жртва и на љубов во овој свет.

Во овие свечени и за нас свети моменти, ми е посебна чест да го искажам своето најдлабоко признание и благодарност кон монашкото сестринство во Манастирот на Свети Георгиј во Рајчица, чиишто непрекинати молитви и самопожртвуван труд се темели на кои почива нашата духовна заедница во овој крај. Нивната жртва и сеоддајност за доброто се искри на надеж за целиот народ. Секако, особено е важно ова духовно, но и патриотско дело, да продолжи со континуитет во доброто стоење во послушанието, во покајанието, во молитвениот труд и во чувањето на честа и достоинството на ангелоподобниот монашки образ. Само така ќе имаат удел во чистината на Свети Георгиј, ќе можат да се наречат негови сестри, населници на неговиот дворец, и ќе бидат прифатени за негови сожители во Небесниот Ерусалим.

Дозволете ми, исто така, да ја изразам својата неизмерна благодарност до благочестивиот г. Ратко Капушевски од Скопје и до неговото благоверно семејство, чииишто дарежливост и вера овозможија да ја дочекаме и да ја имаме меѓу нас оваа света Икона како огромен небесен благослов. Неговата љубов кон Свети Георгиј и искрената несебичност нека бидат пример за сите. Му благодариме и на талентираниот зограф г. Николај Кангарас, кој со своите раце ја приведе во живот оваа икона, како и на мајсторот г. Леондарис Зидрос, кој со својата уметничка вештина ја облече во прекрасна сребрена риза, додавајќи ѝ уште една димензија на благолепие, на вредност и на трајност.

Особена радост денеска ни причинува присуството на нашата возљубена ктиторка, благоверната г-ѓа Елена Пандева, голема дарителка на оваа Светиња на Свети Георгиј и неуморен работник на милосрдието и на естетиката.

Им благодариме со братска љубов и на светиот Старец на Манастирот Ксенофонт во Градината на Пресвета Богородица, Високопреподобниот Архимандрит г. Алексиј, со неговото Христоподобно братство, како и на светите отци и браќа од Зографскиот Манастир, коишто со срдечно монашко гостољубие овозможија оваа икона да биде осветена и осенета со светогорски благослов токму во двата манастира на Свети Георгиј, како и да го прими благословот од првообразната икона на Светиот.

Посебно ѐ благодариме на почитуваната Министерка за одбрана, г-ца Славјанка Петровска, којашто излезе во пресрет на нашите молби, та со својата дозвола за учество на Почесната гарда и на Воениот оркестар на македонската Армија, значително придонесе за благолепието на ова торжество.

Денешниов свечен настан, ова наше свештено собрание, е една наша заедничка благодарност кон славниот Великомаченик, без чијашто помош и заштита ништо од ова што го гледаме денес, ниеден ѕид од овој сега веќе прославен Манастир, не ќе постоеше. Затоа, Свети Георгиј Победоносец останува за нас непресушна инспирација за вера, храброст и креативност, како и возљубен патрон под чијашто заштита цврсто стоиме во сведоштвото на Духот, како и пред лицето на предизвиците, на искушенијата, на монашките борби, на притесненијата и на проблемите, на замките отстрана и на завидливите погледи, исполнети со надеж и вера дека по Божја милост може да бидат постигнати величествени дела и светлината на доброто да опстои и да се шири и во мракот, изгонувајќи ја темнината.

Иконата што отсега ќе го краси овој молитвен дом на Победоносецот ќе стои не само како знак на нашата светла вера и на христијанското предание, туку и како еден постојан потсетник на нашата поврзаност со вековите и со духовите, со предците и со потомците, со древните корени на нашиот духовен идентитет и на нашето културно наследство, правејќи нè приемчиви за безвременската благодат која тече преку столетијата. Истовремено таа ќе стои и како патоказ кон благодатта и кон светоста, како показен знак на крстовоскресниот живот на Христијанинот, на страданијата и на тагоболките, но и на славното Воскресение. Имајќи го Свети Георгиј за свој урнек, обврзани сме да ги следиме неговите стапки, живеејќи во љубов, со дарежливост и со храброст, служејќи како живи сведоци на Христовата вистина, милосрдие и пожртвуваност во секојдневниот живот.

Ви посакувам на сите вас, присутни овде, било физички било духом, да ги понесете благодатта и благословот на оваа света Икона во своите домови и срца, споделувајќи ги со своите ближни, со сите кои имаат потреба од утеха, добрина, широкоградост и радост. Во овие неблагопријатни времиња на тегобност на духот и на човечки страданија, подвигот и посветеноста на Свети Георгиј нека бидат образец за сите нас, упатувајќи нè кон верата наша слатка и плодотворна, којашто ги премостува сите препреки, човечките граници и непријателства и носи светла надеж и духовна обнова.

Сакан и најсакан, славен и преславен, најмил и возљубен наш Свети Георгие, добредојде дома! Благословот твој и застапништвата свети нека бидат со сите нас.

Амин!

 

Бигорски манастир