недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Пејковски: Григор Прличев и Славе Ѓорѓо Димоски во себе ја носат таа лична македонштина… но, исто така, и обајцата даваат огромен влог во македонската книжевност

Во Охрид денеска се чествуваше големиот поет Григор Прличев во чија чест се доделува наградата кој го носи името на великанот, но и се одржуваат низа настани во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“.

Поемата „Денес“ на Славе Ѓорѓо Димоски беше избрана за најдобра на конкурсот што во име на Прличев секоја година го распишува центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Поемата ја обработува денешната ситуација, се она што се случува кај нас, во нашата земја и надвор.

Тоа е поема во која се трага по личен, ловечки, државен идентитет…Дејството во самата поема е ставено во временска рамка од шест месеци и се случува во 2022 година, рече Димоски.

Врачувањето на наградата за најдобра поема секоја година се одвива во рамки на свеченостите поврзани со манифестацијата „Прличеви беседи“, востановена за да се одбележува годишнината од смртта на големиот охридски поет, кој се упокои на 6 февруари 1893 година.

За Григор Прличев сме зборувале многупати. Сме кажале за неговата значајна улога во борбата за својата македонска нација, за својот македонски корен. И затоа во една прилика на 6-ти мај 1885 година, кога беше се одржала прославата на 1.000-годишнината од смртта на Методиј, во Солунската гимназија каде што тој учителствуваше, ќе рече: „Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александар Велики го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методиј, покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во преосвештението“…. Овие силни Прличеви пораки, постојано треба да ни одѕвонуваат во нашата глава, и да запомнеме дека: …„Еден чоек шчо не сиа милвит таткојната, не можит да бидит чесен чоек“….

Прличев во секој миг докажуваше дека Македонците се амалгам и бесценето богатство и преку пишувањето на „Сердарот“ уште во тие негови студентски години (во 1859 година), како што тоа сега го прави Славе Ѓорѓо Димоски во поемата „Денес“, во ова ново време на неизвесност и суровост во кое сите сме изгубени. За жал, можеме да заклучиме дека и тогаш и сега, премрежјата на Македонците биле неизбежни… И се радувам што и Григор Прличев, и Славе Ѓорѓо Димоски во себе ја носат таа лична македонштина… но, исто така, и обајцата даваат огромен влог во македонската книжевност.

Многу книжевни теоретичари за поемата „Сердарот“, според многуте елементи на епското пеење, сметаат дека е ненадминато, јас слободно можам да констатирам дека на ист ранг е и нашиот годинашен добитник Славе Ѓорѓо Димоски, поетот на два века, на 20-от и 21-от….

Притоа, би сакал да додадам дека ако за Радован Павловски велиме дека е принцот на метафората, за Славе Ѓорго Димоски, можеме да кажеме дека е принцот на рефлексивната поезија….

И сега, и во иднина, мои драги охриѓани, вие треба да бидете горди, затоа што овде, во Охрид, во Македонија се наоѓаат сите трезори на духовната цивилизација. И ова вонвременско светилиште крстено, како наш Македонски духовен храм е доказ дека секогаш околу нас, каде и да се обѕрнеме ќе го сретнеме духот на свети Климент, на свети Наум, кои со својата духовна моќ направија Македонија да биде една и единствена, направија да биде бесмртна, воскреснувајќи ја и најмалата искра на македонската единственост и самобитност, онака како што сакаше Апостол Павле, уште во првиот век од нашата ера, потврдувајќи дека Македонците се библиски народ, а тоа го докажаа и во нивните духовни мисии, Македонците, светите браќа Кирил и Методиј, кои секогаш беа вкоренети во тие вонвременски духовни трезори. И затоа постојано околу нас ги среќаваме првоповиканите кои секогаш се на страната на Македонците, на страната на страдалниците избавувајќи не од сите неправди кои ни се прават и случуваат.

И затоа како браќа сите во еден здив да се повикаме на Апостол Павле, на светите браќа Кирил и Методиј, на Климент и Наум Охридски, на Григор Прличев, па дури и ако сакате на Христо Узунов и плејада грамадни Македонци,…кои оставаат гранитен печат за македонскиот идентитет, терајќи не да бидеме будни, цврсти и бескомпромисни, оти Македонската историја ни се повторува….

И како што ликовите во поемата „Сердарот“ на Григор Прличев, минувале низ насилства, така и ликовите во поемата „Денес“ на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски, минуваат низ исти духовни голготи, исто онака, како нашите претходици од Апостол Павле, преку светите Кирил и Методиј, па сè до светите Климен и Наум Охридски, па ако сакате и Григор Прличев.

Тој нурнувајќи длабоко во себе ги бара предците, светите Кирил и Методиј, кои и по 11 века од нивната смрт, иако уште во 1980 година декларативно беа прогласени за заштитници на Европа, Европа тоа никогаш не го дозволи, се разбира од страв дека се Македонци. Таа Европа, барајќи начин се обидува да ни ги одземе и светите Климен и Наум Охридски и да не втурне во најголемата гробница, та така, полесно сите да заборават дека оттука, од Македонија, започнува цивилизацијата, христијанството, писменоста.

И водејќи се од таа насока, од доминантната улога на Европа, неизбежна е дефиницијата на големиот Достоевски дека „Европа е најголемата и најскапата гробница на светот“.., а јас сум убеден, почитувани мои, дека и вие го чувствувате моментот на корнењето на нашите срца, оти Македонија ја претворија во вистинска гробница…

Славе Ѓорѓо Димоски во поемата „Денес“ со својот модерен поетски јазик испраќа крик на порака дека треба да најдеме или да избереме начин за спас на македонската денешница, водејќи не кон 8-ми мај, денот на изборите“…, рече меѓу другото во својата беседа Зоран Пејковски на свеченото врачување на наградата.

извор:Република

фото. Б. Стојаноски