АктуелноОхрид

На „Ќафасан“ спречен обид за нелегално изнесување на автоделови и шишенца колаген

Спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки на производи во вредност од 273 илјади денари, како и обид за нелегално изнесување на стока вредна 192 илјади денари, откриени при контрола на товарни моторни возила на влез и излез од државата во текот на изминатата недела. Воедно, спречен е и шверц на 100 шишиња Хелих плус колаген што патник сакал нелегално да ги внесе во државава.

Во првиот случај, увозник сакал да избегне плаќање царински давачки на производи вредни 273 илјади денари која се обидел да ја прошверцува помеѓу стока која ја пријавил за увозно царинење. Во намерата е спречен од страна на мобилен тим на Секторот за контрола и истраги кој при контрола на товарно возило на Царинска испостава Куманово утврдил вишок стока меѓу која 500 метри квадратни ламинат и 43 парчиња мебел.

Во вториот случај, на граничен премин Ќафасан е спречен обид за нелегално изнесување на поголем број автоделови во вредност од околу 200 илјади денари откриени при контрола на товарно моторно возило чиј возач изјавил дека возилото е празно и оти нема ништо за пријавување. Во кабината на возилото во просторот помеѓу седиштата, под возачкото и совозачкото седиште, во преградите во кабината и преградите на левата и десната врата сокриени биле 241 парчиња различни автоделови за коишто возачот немал никакви документи.

Воедно царинските службеници на Ќафасан спречија и шверц на 100 шишенца колаген што албански државјанин без да ги пријави сакал да ги внесе во државава. Истите се откриени во три црни ќеси кои патникот ги скрил во ранецот.

Во сите случаи стоката е запленета, а против пријавените лица се поднесени прекршочни пријави.