АктуелноОхрид

Во Струга се отвори затворениот пливачки базен, премиерот се пофали дека вакви базени се градат и во Охрид и уште шест други општини

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.

-Во следниот период нови шест општини ќе добијат затворени пливачки базени. Во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип, чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година. Во наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци, додека новиот базен во Тетово е завршен и предаден на Општината, истакна Ковачевски.

Што се однесува до Охрид, премиерот сеуште со иста реторика:

-Агенцијата за млади и спорт го гради и затворениот пливачки базен во Охрид, со вредност од 300 милиони денари или над 4,8 милиони евра. Со тоа, вкупната вредност за изградба на затворените базени во целата држава изнесува близу 12 милиони евра.

фото: Архива