АктуелноОхрид

Пендиков го даде првиот исказ: „Ме претепаа оти се чувствувам бугарин“

Секретарот на зграснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, денеска првпат даде исказ во рамки на судскиот процес кој се води во врска со неговото претепување во јануари годинава. Првото рошиште за случајот се одржа во февруари, но досега повеќепати беше одложувано.

Во сослушувањето пред Судот во Охрид, Пендиков кажа дека обвинетите му нанеле тешки телесни повреди и го навредувале на национална основа оти се чувствувал како Бугарин.

Адвокатот на обвинетиот Илија Спасески, Димитрија Цобоски, по завршување на рочиштето кажа дека во целиот случај е вмешана политиката. Тој тврди дека не се работи за напад поради национално чувство бидејќи, како што рече, семејството на обвинетиот кого го застапува добило орден од бугарски министер за надворешни работи за укажана помош при спасување на бугарските државјани во бродската несреќа во Охрид.

„Денеска конечно го сослушавме оштетениот и мило ми е што и тој на непосреден начин го призна постоењето на македонскиот јаизк бидејќи зборува на македонски јазик. Сфативте дека во целата работа е замешана политиката, бидејќи со претстедателски авион на Република Бугарија некој да се земе од една држава и да се носи во друга држава е нон сенс, незабележано. Според мене мотивот е сосема друг, а не припадност на нација, признавање на статус на народи и така натаму“, изјави Цобоски и додаде дека ќе приложи дополнителни докази за појаснување на работите.

Адвокатот на Пендиков пак, Стефан Камишевски ги демантира наодите на одбраната дека не се работи за напад поради национални чувства, бидејќи не биле поткрепени со докази. Додаде дека исказот на Пендиков ги опфатил сите аспекти од критичната вечер на 19 јануари кога беше претепан.

„Сега останува да видиме какви искази ќе дадат и сведоците, обвинетите и како одбраната ќе постапува понатаму и на крај судот е тој што треба да одлучи“, изјави Камишевски.

Христијан Педников беше претепан пред кафе бар во Охрид на 19 јануари годинава.