АктуелноОхрид

Ковачевски: Имаме обврска да го чуваме Охридскиот регион

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, рече дека најважен интерес е да се заштити природното и културно добро.

„Северна Македонија е вреден пример на успешна мултиетничка демократија, како држава која што покажа на дело дека дипломатијата е средство за решавање на предизвиците. И со македонското древно јазично и културно наследство и преку функционалното мултикултурно општество, продолжува да придонесува во мозаикот на различности што ги негува и УНЕСКО, а коишто се карактеристика на заедничкиот свет“. Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски, кој ја започна официјалната посета на УНЕСКО во Париз, каде го пречека генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, објави dw.com.

Прва посета
Посетата на премиерот Ковачевски е прва посета на македонски премиер на УНЕСКО. Северна Македонија оваа година одбележува 30-годишен јубилеј од зачленувањето во оваа организација на Обединетите нации за образование, наука и култура.

„Нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979 и 1980 година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот“, истакна Ковачевски, кој се обрати на маргините на 42-та Генерална конференција во седиштето на УНЕСКО во Париз.

„Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. Ниту еден друг интерес не смее да е поголем од заложбата да се сочува и заштити ова, и наше, и светско, природно и културно добро. Тоа им го должиме на предците и на идните генерации“, додаде премиерот.

„Охридскиот регион, вели Ковачевски, е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. „Во него ќе најдете преку 2.500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11 и 14 век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи, и уште многу работи! И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна. Оттука, наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро“, потенцира премиерот.

Листа со обврски
На 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство побара земјата да ги исполни препораките со цел Охридското Езеро да не биде пробласено за светско наследство во опасност. И Северна Македонија и Албанија добија полни раце со обврски – ќе мора да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

„Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш“, рече Ковачевски.

Заштитата на Охридското Езеро и препораките на УНЕСКО се најдоа и во последниот извештај за напредокот на земјата којшто го објави Европската комисија. Во него се нотира дека не се доволно имплементирани препораките на УНЕСКО за заштита на регионот, се бара заштита на водите на Охридското Езеро, како и на Студенчишкото блато.

 

извор: dw.com