АктуелноОхрид

(ЖИВО) Под слоганот „Важно е! Од тебе зависат промените“ ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја започна својата кампања, Мицкоски ќе се сретне со целни групи, но и со граѓани

Под слоганот „Важно е! Од тебе зависат промените“ ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја започна својата кампања, која ја најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Како што соопштија од партијата, кампањата ќе се реализира следните два месеци и ќе биде во два дела. Во првиот дел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе има теренски посети низ општините, додека во вториот дел е предвидено да се одржат дебати на различни теми во различни општини на кои ќе бидат опфатени актуелните случувања кои ги мачат граѓаните. Мицкоски ќе оствари голем број средби со целни групи, но и со граѓани, а како што информираа првата теренска посета ќе биде токму во Охрид.

Предвидено е Мицкоски да оствари средба со туристичките работници, прошетка низ чаршијата во Охрид, средба со пензионери, а попладне ќе одржи говор и ќе има можност да разговара со граѓаните, да ги слушне нивните размислувања, како и да одговора на нивните прашања.

Ова е втора голема кампања на ВМРО-ДПМНЕ овојпат насловена „Важно е! Од тебе зависат промените“. Во првата кампања под мотото „Ова е Македонија, Македонија за сите“, се одржаа трибини во 12 општини, учествуваа 19 тимови со вкупно 200 луѓе и беа посетени повеќе од 700 населени места. Притоа беа нотирани околу 18.000 проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а како што тогаш известија од партијата, решенијата за овие проблеми ќе бидат дел од идната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Од јануари до денес е активна и кампањата „Промени на дело“, во која Мицкоски два до три пати неделно е присутен во општините чии градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и притоа се пуштаат во употреба новоизградени градинки, улици, пазари, водоводни или канализациски мрежи или пак се најавува почеток на некој нов проект.