Охрид

Утре е Преображение Христово, верувања и обичаи

Утре (19 август) се слави празникот Преображение Христово- Преображение на Господ Бог.

Се верува дека третата година откако започнал да го проповеда своето учење, Исус им зборувал на своите ученици дека наскоро ќе се случат значајни работи. На овој ден, Исус како да знаел, раскажувал дека тој ќе биде мачен и распнат, дека ќе умре и ќе воскресне.
Кај народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник кои постојат и денес.
Се вели дека за среќа, токму на овој ден за прв пат во годината се бере грозје. Грозјето потоа се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Освен грозјето, се верува и дека другите есенски плодови носат среќа, па така порано се осветувале и јаболката, сливите, крушите.

Во народот се вели дека на овој ден луѓето за последен пат во летото можат да се искапат во реките затоа што подоцна водата станува студена.

Уште едно верување вели дека на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде мрзелив и поспан. Овој ден не е убаво ниту да се плаче, нуту да се помине цел ден во кафеана, за луѓето да не станат расипикуќи.

Порано, на овој ден постеле само жените, а сега спаѓа во празниците со строг пост.

Се верува и дека, кога на болен ќе му се дадат лешници, тој ќе оздрави.
Во некои места било обичај на Преображение жени и девојки да станат пред сонце и да работат некоја домашна работа, бидејќи се верувало дека Бог ќе ги преобрази да бидат вредни.

 

zenskimagazin.mk