петок, ноември 15, 2024
АктуелноОхрид

Посета на евроамбасадорот Дејвид Гир на Универзитетот за информатични науки и технологии „Св. Апостол Павле“

Евроамбасадорот Дејвид Гир денес го посети Универзитетот за информатични науки и технологии УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Проректорката за меѓународна соработка проф. д-р Устијана Речкоска – Шикоска, заедно со претставници од Ректорската управа, Сенатот и административниот тим на УИНТ, беа домаќини на висока делегација предводена од Амбасадорот на Европската Унија во земјата, г-динот Дејвид Гир со членови на неговиот тим, а во соработка со г-дин Марк Барет, тим лидер во ГИЗ – Германското друштво за интернационална соработка и г-дин Зоран Мартиновски, Претседател на консултантската компанија „PrimePoint Partners“.

Делегацијата го посети Универзитетот за информатични науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и просториите на Ohrid Blue Economy Accelerator во рамките на Универзитетот. На средбата се разговараше за предизвиците и можностите за одржлив економски развој во земјата и регионот, вклучување на бизнисите и младите луѓе кои би придонесле со свои идеи преку основање на стартапи за развој на локалната економија.

Особен акцент беше даден на можноста за искористување на потенцијалот на студентите на сите циклуси на студии на УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид, заедно со менторите од Универзитетот и ИТ компаниите, при креирање модерни ИКТ решенија, кои водат кон целокупен економски напредок, а со акцент на креативни решенија кои би помогнале кон одржлив развој на туризмот во Охрид, заштита на водите на Охридското Езеро, езерата и реките во земјата и регионот, како и одржливи решенија во земјоделието.