недела, ноември 17, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Започна асфалтирањето на патниот правец Струга -Вишни-Горна Белица

Денес започна асфалтирањето на патниот правец Струга -Вишни-Горна Белица. Првата делница е низ селото Вишни па се до каменоломот Струга која беше најоштетена, а потоа делницата Вишни – Горна Белица. Работоте ги изведува „Македонија Пат“, а целата иницијатива отпочна по барањето на Месните заедници од „Горна Белица“ и „Вишни“ и издејствувањето оваа делница да добие статус на регионален пат. Средствата се издвоени од државниот буџет.

Реконструкцијата на патниот правец ќе овозможи уште поголема шанса за развој на туристичките потенцијали на „Горна Белица“ и „Јабланица“ и промоција на нови еколошки и алтернативни видови туризам со сочувување на природните вредности на регионот.

Инаку, првото име на Горна Белица било Бела, добиено од белината на реката Беличка Река, што се пени на стрмниот тек. Со време се појавиле две населби, поради што селата ги добиле имињата Горна и Долна Белица. Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната гранична линија со Албанија.Селото е планинско и мошне високо, на надморска височина од 1.420 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 14 километри.

До него се стигнува по магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан.

Според една теза, селото било основано од деселеници од Москополе, денес во Албанија. Се претпоставува дека Власите се населиле околу 1730 година. Овие Власи претежно се занимавале со сточарство и продавање на млечните производи.

Во втората половина на XIX и XX век, во селото постоеле 40 дуќани, со што бил развиен и важен трговски центар. Пазарен ден бил петок, кога доаѓале жители и од Албанија. Со тоа, селото претставувало центар на струшката трговија.

По завршувањето на Втората светска војна, во селото во 1944 година било отворено училиште на македонски јазик. Училиштето го носело името „Св. Климент“.

Во XIX век, Горна Белица било село во рамките на Струшката нахија, на Охридската каза на Отоманското Царство.

Денеска селото повеќе служи како викенд-населба отколку како постојано живеалиште.

фото:Охрид 1