АктуелноОхрид

Во среда по втор пат во Охрид Етно фестивалот “Охрид” со концерт насловен „ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО”

На 14 јуни по втор пат во Охрид пред платото на центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи Етно фестивалот “Охрид” со концерт насловен „ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО”.

На фестивалот ќе биде промовиран албумот „ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО” на Александар Јовевски. Станува збор за нов музички етно проект на кој базата му е македонскиот фолклор, традиција и идентитет.

На концерот ќе слушнете звуци од народните инструменти: кавал, тамбура, канон, но и женски вокали, пропратени со клавијатури. Оваа фестивалска вечер ќе биде запаметена по обработките на стари македонски изворни песни како што се Бај Никола, Изникнало криво крувче, Сношти го видов мамо мори убавото Стојне, Ајде мала Стана болна лега, а ќе биде изведена и авторска музика и тоа шест авторски композиции творени во духот на македонската традиција, но со нов музички израз и тоа : Tамбурски вез, Кавал гали, Игра на инструментите, Длабочина, ЈовАнина и Александров танц.

Музиката од овој албум е уште еден нов музички проект во светски размери, со нова модерна музичка нишка, кој ќе создаде една убава енергија и повеќе слушање на македонска музика и испирација за помладите генерации се повеќе да ја негуваат, сакаат и слушаат истата.

Во составот на проектот ,,ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО”има повеќе професионални музичари. Музичкиот лидер на етно составот „Монистра“ кој е дел од речиси сите етно проекти во државата за своето дело ,,ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО”, вели дека среќен што дава допринос со уште еден квалитетен музички бисер и музички материјал, за претставување на нашата македонска песна и оро во државата, но и надвор од неа, и претставување на народните инструменти кавал, тамбура, канон.

Александар Јовевски – композитор, аранжер и инструменталист (кавал, тамбура)
Ратко Даутовски – перкусии
Горан Гешовски – бас
Филип Михајловски – канон и тамбура
Габриела Новевска – вокал
Елена Андоновска – вокал
Мартина Максимовска – вокал
Гордан Спасовски – пијано

Инаку годинава е второ издание на Етно фестивалот Охрид 2022. Минатата година на фестивалот настапи етно составот Монистра.

Етно фестивалот ќе се одржи на платото пред НУЦК “Григор Прличев ” со почеток од 20 часот. Поканети се сите љубители на ваквиот тип на музика. Овој настан е поддржан од Општина Охрид, а влезот за истиот е слободен.

.