Со насмевки, игра, забава и дружење децата што ја следат програмата во едукативниот центар на Црвен крст Охрид, „Полетарче“ го завршија пролетниот циклус на Програмата за подготовка на деца за во училиште.
Оваа програма веќе втора година се спроведува во Црвен крст Охрид, а ја следат деца од 3-5 годишна возраст кои имаат единствена можност, преку игра, забава и дружење да ја развиваат и јакнат самодовербата, да применуваат креативни вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго.
За успешно завршениот пролетен циклус, на пригодна свечаност, во присуство на родителите, на децата им беа поделени соодветни сертификати.
Новиот, есенски циклус на забавно-едукативната програма за деца од 3-5 годишна возраст во едукативниот центар на Црвен крст Охрид-Полетарче ќе започне во септември 2023.
А за оние повозрасните, првооделенците кои оваа есен ја започнуваат школската година едукативниот центар на Црвен крст Охрид, Полетарче подготви посебна програма за подготовка на децата за во училиште преку која ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училиштните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за јазична и математичка писменост и друго. Оваа програма ја најавуваме за август 2023 г.
Црвен крст Охрид