Периодот што го врвиме е најрадосниот во текот на целата година. Кога после Воскресението Христос ги сретнал жените мироносици, Самиот им рекол: „Радувајте се!“ И сите ние, Христијаните, пееме „Христос воскресна!“ и воскликнуваме: „Радувајте се и веселете се“, зашто: „Христос воскресна, радоста вечна“ (тропар на 1 песна).
Овој поздрав во себе ја содржи сета радосна вест на Евангелието: дека Христос навистина воскресна за со Себе да го воскресне сиот род човечки; дека смртта е поразена; дека болката и пропадливоста се укинати за да бидат заменети со радоста и вечниот живот; дека не постои поголема надеж и поголемо веселие. Поради тоа и ние можеме да го повторуваме поздравот на св. Серафим Саровски, кон неговите посетители: „Хрстос воскресна, радост моја!“ Не ги нарекуваме луѓето со нивното име, туку со името радост.
Како што учениците Господови „се зарадуваа гледајќи Го Господа“, така и ние се радуваме зашто „ете, преку крстот дојде радост за целиот свет“. Да видиме, значи, што е почеток на радоста. Радоста извира од Воскресението, а Воскресението произлегува од гробот, кој, пак, е резултат на гревот, значи на пропаста човечка.
Бог не само што го создаде Рајот и во него го постави човекот како цар на сета твар, туку и го направи човекот бесмртен. Според тоа, смртта не беше неопходна и никако не требаше да влезе во човечкиот живот. Исто така, Бог го создаде човекот, сите нас, по „образот и подобието Свое“, Значи, човекот беше – ќе го изразиме тоа просто и едноставно – помал бог, благословен и мил син и пријател Божји, кој секој ден одеше со Бога и разговараше со Него. Но, човекот згреши; ја изгуби својата радост, го изгуби Рајот, западна во секојдневен плач; бесмртниот стана смртен и умре. Од тогаш целото човештво ја изгуби бесмртноста. Луѓето умираа, а никој не знаеше каде одат. Луѓето, дури ни во Стариот Завет, сè до оној миг кога Христос дојде, не можеа да ја сфатат тајната на смртта, ниту, пак, каде одат кога умираат.
Но слава на Бога! Христос се распна, погреба, слезе во адот и адот го огорчи. Значи, влезе во таинствениот мрак, го зграби човекот и го изведе горе, па заради тоа велиме: „Стана од мртвите“. Потоа се вознесе и од тогаш сите ние знаеме, дека воскреснатиот Христос за сите нас подготвил светло и сјајно место и тоа, дури, од десно на Себе. Нè стави покрај Себе. Какво величество! Колку величествен е нашиот Отец Небесен! Какво човекољубие! Колку се големи љубовта и милоста Христова! Он сака сите ние да бидеме покрај Него, за да можеме да учествуваме во божествениот живот, вознесението, славата и вечната Негова радост. Нè донел во светот за со сето срце и со радост да славиме. Да ја чуваме радоста во своите срца, како што Бог чува за нас место кое посебно за нас го приготвил.
Но, ќе ми речете: што зборуваш? Зар не гледаш дека сиот свет лежи во солзи, во болка, болести и смрт? Да, гледам и се согласувам дека е така. Секој ден насекаде смрт. Се сеќавате ли на каминот што претходно го имавме? Некои луѓе и денес имаат камини, зашто сакаат да го гледаат огнот и покрај каминот да се радуваат. Кога гледаме во каминот, дрвото почнува да чади и очите наши засолзуваат. Штом огнот ќе стане пријатен и топол, сите вистински се радуваат, веселат, мирно и радосно разговараат. Така се случува и во животот. Најпрвин доаѓа чадот, доаѓа болката, а потоа сладоста, здравјето и радоста.
Треба да знаеме дека целиот свет вложува напори. Не постои човек кој не вложува некаков напор. Тага, тешкотии, борби, страдања, болести, зарази, катастрофи, земјотреси, тоа се карактеристики на човекот и на сета твар. Тие се неодделиви од нашиот живот. Никогаш нема да исчезнат. Тешко нас ако исчезнат.
Се сеќавате ли на трите момчиња во вавилонската печка? Навуходоносор нареди печката да ја вжештат „седум пати повеќе“, и во неа да ги фрлат трите момчиња. Не долго после тоа, тој ги слушна младите момчиња како пеат, па заедно со велможите поита да види што се случува. Зар не беа тројца? Како наеднаш станаа четворица? – се прашуваше тој. Синот Божји како Ангел на свежината влезе „среде каминот“ и го оддалечи огнот за никако да не се допре до момчињата. Тогаш трите момчиња почнаа да пеат и во песните да Го слават Бога. Исто така Бог влегува и во нашите животи! Влезе во печката. Влегува и во нашите печки. Нè посетува. Трите момчиња тоа не го очекуваа, ни ние не се осмелуваме нешто такво да Му кажеме на Бога. Се плашиме. Ја чувствуваме и својата грешност. Немаме смелост. Но, Господ нè посетува, а секоја Негова посета е промена на нашиот живот кон подобро. Тој факт е вековно сведоштво.
Да наведеме уште еден од многу познати примери? Се сеќавате, Сара, жената на патријархот Авраам, беше неплодна и стара, а и Авараам беше старец. Бог ја имаше затворено Сарината утроба. Во еден миг, „Бог ја посети Сара… и таа, зачнувајќи на старост, на Авраам му роди син“. И тогаш Сара рече: „ Господ ми направи радост“. Тоа е еврејски израз кој значи: се исполнив со радост која Бог ми ја даде. Ако му се доверите на Бога, ќе видите колку такви искуства ќе вкусите.
„Ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со радоста на лицето Твое; убавината е во Твојата десница до крајот“, вели Псламопевецот. Бог не ни дава само радост и веселие, ни дава и „убавини во нашите десници до крајот“. Дали Отецот Небесен го постави Синот од Својата десна страна за да Mу оддаде чест на Синот Свој? Не. Бог Го постави од Својата десна страна, зашто Синот Божји стана човек, зашто го зеде телото наше, зашто така нѐ почести нас, кои Бога Го засакавме, Му се доверивме Нему, Го повикавме, па нека сме и ранети.
Христос слезе од небото. Ќе нѐ напушти ли, откако слезе од небото? Он е покрај нас и во нас. Он е Бог секадеприсутен. Секако дека не Го гледаме со своите очи, но во пресудните мигови од нашиот живот ќе ја почувствуваме и сфатиме Неговата секадеприсутност. Синот Божји, како што вели Светото Писмо, има Свои патишта. Како што бродовите имаат свој правец при пловидбите, како што сателитите имаат своја патека, така и Господ има Свои патишта. Секаде поминува.
И не само тоа. Освен секадеприсутноста Божја, постои и нешто друго што се нарекува истапување, излегување. Што значи тоа излегување? Како што некој кој се наоѓа во опасност ненадејно ќе скокне за да се спаси, така прави и Христос: не Он да се спаси, туку нас да нѐ спаси. Штом Бог ќе види дека некој е во опасност, или дека се покајал, или вели: „Боже мој“, Он веднаш прави еден скок, и во истиот миг му помага на човекот да се фати за Него.
-А, ако сме грешни? – О, драги мои, не се плашете. Сите сме грешни. Но, Он за грешникот скокнува, за да нѐ исполни со радост и со полнотата на радоста, да нѐ исполни, значи, насити со Својата радост, со времето поминато со Него, и така полни и сити со радоста, да можеме да појдеме на Небо.
Ние во манастирот имавме еден монах. Кога требаше да појдам до еден наш метох што беше надвор од Света Гора, тој ми рече:
-Старче, дај ми го својот благослов да го предадам мојот дух на Бога, да скокнам и појдам горе! Се заситив во текот на сиве овие години во манастирот. Дај ми го својот благослов да одлетам на небо.
-Јас заминувам – му одговорив.
-Старче, имам една последна желба: да изедам една пита што ми се допаѓа и да појдам – ми рече повторно.
Погледнете со каква простодушност и радост се соочуваат монасите со смртта, болката и тешкотиите. Кога човекот заминува, тоа е воскресение. Јас заминав, излегов од Света Гора, по брод му испратив пита што еден монах ја имаше подготвено за него, а тој го собра целото братство, беседејќи им многу убаво, и на крајот рече:
„Дојде, браќа мои, благословот од Старецот. Ќе ја изедам питата и ќе заминам“. Ја изеде питата, се развесели, седна во една фотеља што ја имаше и рече: „Заминувам, Христе мој, и одморен стигнувам горе“. И по два дена тоа чудо, навистина се случи: тој замина на небото (се упокои).
Бог, играјќи си со нас, нѐ удостојува во сите овие таинства да Го гледаме Него. Како само нѐ освојува со Својата добрина, за да ја почувствуваме Неговата љубов! Исто како што таткото на секој начин се обидува да му ја покаже на детето својата љубов.
Бигорски манастир