Во интерес на вистината и објективното информирање, чувствуваме потреба да реагираме на објава на социјалните мрежи на советник од политичка партија.
Од страна на директорот на Ј.П.,,Охридски Комуналец” на денешната седницата јасно беше кажано дека Јавното претпријатие работи согласно однапред утврден план и програма. Централното градско подрачје е косено 4–5 пати, а активностите кај касарната започнаа уште минатата недела, при што просторот беше еднаш искосен, а активностите продолжуваат и во текот на овие денови.
Согласно механизацијата и ресурсите со кои располагаме, екипите постојано се на терен и секојдневно се работи на одржување на јавната чистота и зеленилото низ градот.
Не е коректно излагањата и одговорите дадени на седница да се пренесуваат селективно и да се користат за дневно-политички цели. Наместо создавање погрешна слика во јавноста, потребно е објективно информирање и заеднички пристап кон решавање на проблемите.
Наш приоритет останува интересот на граѓаните и уредувањето на градот Охрид.














