Делегацијата на Бернската конвенција, Рамсарската конвенција и на УНЕСКО што кон крајот на минатиот месец беше во посета на Охридскиот регион го објави извештајот за посетата и за спроведената теренска проценка за состојбата.
Како што се посочува во објавата од Бернската конвенција, во односниот период се спроведени проверки на состојбата на т.н. „Смарагдни“ локалитети на Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“. Посетата на засегнатите области е спроведена во врска со отвореното досие за случај 2017/2, а се однесува на наводните негативни влијанија поради неодржлива инфраструктура и неконтролирана урбанизација.
Според информацијата, тимот на меѓународната мисија во текот на посетата се состанал со различни засегнати страни, вклучително министерка за животна средина и просторно планирање, претставници на властите на национално и општинско ниво (вклучувајќи го градоначалникот на Охрид), на граѓанското општество, на управата на НП „Галичица“, како и со претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Во извештајот за посетата уште се посочува дека се спроведени неколку теренски посети и посети на локацијата, од кои е направен преглед на заштитените подрачја и развојот што може да има негативно влијание врз видовите и живеалиштата присутни таму.
Посетата на Охридскиот регион е реализирана откако претходно во 2021 година при онлајн-мисија фокусирана на отвореното досие за случај 2013/1 за Националниот парк „Маврово“, беа предложени препораки насочени кон општото управување со заштитените подрачја во Македонија, вклучително и мисија за посета на двете засегната локации.
Во објавата за експерската посета уште се појаснува дека независниот експерт сега ќе го елаборира извештајот за мисијата и нацрт-препораките, што ќе бидат доставени на разгледување со цел усвојување на 43-та сесија на Постојаниот комитет што е предвидено да се одржи кон крајот на годинава.
За потсетување, на средбата со охридскиот градоначалник во фокусот на интерес беа четири теми поврзани со нелегалните градби, животната средина, Студенчишкото блато и урбанистичкиот план „Горица Север“. Експертите порачаа дека имаме најдобри планови на хартија, но мора конечно да дојде до управување на терен. Меѓу другото, експертот на мисијата на Бернската конвенција, Андреј Совинц потенцира дека треба добро да се осмисли каде ќе се гради марина, а тоа никако не смее да се прави во каналот, кај Студенчишкото Блато, бидејќи така ќе дојде крајот на овој блатен систем. Според него Студенчишкото Блато има голем туристички потенцијал, бидејќи сé повеќе туристи ќе доаѓаат да се восхитуваат на природата, да ги видат птиците, затоа мора добро да се размисли пред нешто да се презема за овој простор. (Крај)
извор: Опсервер