АктуелноОхрид

Собраните средства од хуманитарните паркинзи донирани на центарот за „Во мојот свет“

Финансиските средства кои беа собрани во рамки на проектот „Хуманитарни паркинзи“ реализиран од страна на ЈП „Билјанини Извори“ и Општина Охрид, денеска беа донирани на Центарот за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, кој функционира во охридската Општа болница.

Се работи за износ од 62.420 денари и истиот бил наплатен од двете хуманитарни паркинг места на улица „Кеј Македонија“, со кој претпријатието располагаше во период од 20.07.2022 до 31.12.2022 година. Одлуката за доделување на средствата ја донесе Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“, на состанок одржан на 29.03.2023 година.

Проектот „Хуманитарни паркинзи“ започна да се реализира минатото лето на иницијатива на градоначалникот, Кирил Пецаков и е дел од заложбите на ЈП „Билјанини Извори“ за општествена одговорност и поддршка на здруженијата на граѓани.

Од претпријатието упатија благодарност до граѓаните што ги користеа хуманитарните паркинзи со порака и апел да продолжат да ги користат црвените паркинг места и да даваат помош онаму каде што е најпотребна.

Од ЈП „Билјанини Извори“ најавуваат дека наскоро ќе обележат уште еден хуманитарен паркинг кој ќе биде лоциран на улица „Партизанска“ во близина на зградата на Македонски пошти, за што јавноста ќе биде навремено информирана.