АктуелноОхрид

Промоција на две книжевни творби од авторката Билјана Андоновска

Вчера, во саботата на Акатистот на Пресвета Богородица, во смирениот амбиент на големиот манастирски синодикон наменет за свечени собири, се оствари промоцијата на две книжевни творби на писателката г-ѓа Билјана Андоновска до Битола, романот Светогорецот и поетската збирка Славете Го Господа. Во наполнетиот синодикон присуствуваше и нашиот почитуван Старец, Епископот г. Партениј, архимандритот г. Доситеј, монаси од нашето братство и многубројни верници и почитувачи на пишаниот збор.

Промоцијата започна со читањето на рецензијата од писателката Јована Матевска-Атанасова:

„…На само 114 страници во Светогорецот Билјана Андоновска успеала да ја втисне својата љубов и повик кон пишаниот збор, свртен кон овековечување на неговиот животопис, да прикаже дел од чудата што Светецот ги направил, но и да ја претстави душата веродостојно како читателот да го гледа Светецот, да си разговара со него, да продира во душевноста која била поголема од неговото битие…

Книгата Славете го Господа ги воспејува угнетените, наведените, немоќните, една песна е цел свет, сирачиња, деца со посебни потреби или како што Андоновска им се обраќа со посебни души, за неправдата и предрасудите кои ги следат мајките без потомства допрено е сѐ, непомпезно и нежно, со ведрина и ветување за подобро утре, само доколку човекот ја извојува најтешката битка, со својата гордост…

Стилските фигури се инкорпорирани без мака и труд да се создаде длабочина, затоа што штом мастилото ја нашло хартијата, како и Светиот Дух телото, го ископало бунарот, подземната водичка што залекува кога во буквите во овој лирски буквар, читателот ќе се преслика“.

Во продолжение, кон присутните се обрати и авторката Билјана Андоновска, којашто меѓу другото истакна:

„Во време на едно големо неверие и духовно слепило го запознав нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој уште при првото доаѓање тука, замислете, ме однесе во преубавата манастирска библиотека, Бигорската книгохранителница. Иако јас воопшто му немав спомнато дека години наназад мојата единствена утеха во тоа време беше читањето книги, и скриената желба и јас некогаш да напишам книга.

Старецот полека и долго време со многу љубов работеше тивко без никаков притисок на моето духовно лекување. Кога јас ја напишав првата моја песна, добро познатата Во Бигорски дојди, ме благослови и еве веќе три години од тој ден зад мене се веќе 4 издадени книги. А, јас? Јас конечно се предадов на Божјата волја и сфатив дека да се предадеш на Бога преку вистинскиот духовник е единствениот лек против духовното слепило…

Затоа, драги мои, никогаш не се лутете на Господа. Бог знае кога дава и кога зема. И никогаш не ни зема ништо без причина, а секогаш ни го дава она што ни е потребно и тоа во изобилие.

Затоа книгата поезија ја нареков Славете Го Господа. И од срце Ве молам да го правите тоа секогаш. Не само во време на радост, туку уште повеќе во време на тага.

Што се однесува до романот за Светогорецот, тоа е уште еден мој обид после романот за Св. Јоаникиј Ракотински за прослава на нашите светители, кои сметам дека не се доволно познати за нашиот народ. Чувствувам должност пред Бога да придонесам кон нивната прослава како благодарност за овој мој дар за пишување кој не го заслужувам, но сум го добила како резултат на Божјата милост преку молитвите на мојот Старец“.

 

Потем збор зедоа две читателки на промовираните книги. Јасмина С. Димовска е пријателка на авторката од детството, која Го слави Господа, носејќи го крстот на родителство на едно прекрасно момче со аутизам, и припаѓа во групата на помалку воцрковени луѓе:

„Б. Андоновска со ова дело експлицитно, недвосмислено покажува колкава може да биде љубовта кон Бог. Таа несакајќи посејува нешто што ќе остане во наследство за жнеење од страна на нашите деца. Благодарна сум ѝ што со ова дело ме потсети колкав верник сум во душата и ненападно го пренесувам тоа на моите деца. Одвреме – навреме им велам: ,,Љубете Го Бог и тоа ако го правите со чисто срце и од дното на душата ,Тој никогаш нема да Ве изневери“.

Љубовта кон Бога треба да  е безусловна и безвременска, љубов што не изневерува. Како љубовта на Св. Гавриил, Епископот Велички Светогорец.

Ширењето на христијанството има луѓе што го вршат гласно. Таков е нашиот Епископ г. Партениј Антаниски. Токму тој даде благослов да се започне ова дело на Билјана Андоновска и јас лично потврдувам дека овој благослов е оправдан. Ова дело навистина остави силен впечаток кај мене, а се надевам и кај останатите“.

Јасмина Паноска е длабоко воцрковена личност и многу драга духовна пријателка на авторката:

„Таму каде што се луѓето во кои има љубов, таму е Ерусалим, Света Гора и цела Вселена (монах Калист). Љубов. Љубов е заедничкиот збор кога сакаме да Го опишеме Бог, да посведочиме за Бог, за Светителите кои несомнено ја носат љубовта во себе. Така делата во кои се пишува за светителите допира до нас, па се чувствуваме како да нè допира Бог.

Сестричке Билјана, со твоите пишани зборови не само што ни го оживуваш споменот на Светиот, туку живо ни го приближуваш благодатно присутниот наш Свети Гавриил епископ Велички, кој служи во Небесниот Ерусалим, крај Пресветата Богородица.

Во сите твои дела се чувствува придобивката од благословот и молитвите на твојот духовник Владиката Партениј, чии чеда творат дела на љубовта водени од неговиот пример.

Но, пред сè се заблагодарувам на Аврамовото гостопримство од најторжествената, најљубовната рајска градина на Бигорската обител, под закрила на Високопочитуваниот наш владика Партениј Антаниски, игуменот Бигорски“.

 

Бигорски манастир