Универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола за првпат и прв во регионот започна со организиран процес на препознавање, идентификација, работа и следење на развојот со надарени и талентирани студенти, објави bitolanews.mk.
Иницијалната активност на предлог на Комисијата за студентски работи даде предлог до Економскиот факултет во Прилеп за отпочнување со процесот на идентификација и следење на студентка која на студентската конференција покажа знаци на надареност.
По иницијатива на проф. Љупчо Кеверески кој е еден од авторите на Правилникот за надарени и талентирани студенти на УКЛО, реализирана е првична активност “Средба со талентите” на којашто професорот Кеверески, експерт за надарени и талентирани во регионални рамки, одржа предавање на тема “Фактори за развој и постигнување на висок академски успех кај надарените и талентиранте студенти”. Меѓу другото тој посочи дека надарените и талентираните студенти се идентификуваат од страна на стручно квалификувани лица, врз основа на нивните резултати во текот на студирањето, како и со примена на различни алатки за утврдување на видот и степенот на надареноста и талентираноста.
Воедно, за фокусната група од 17 студенти спроведено е тестирање со психодијагностички инструментариум за да се определи нивниот општ интелектуален статус, како прв чекор во детектирањето на предиспонираните студенти.
Настанот се оддржа на 1 март 2023 г. во Студентскиот информативен центар-СИЦ. Покрај стручниот тим од УКЛО, во средбата со талентите беа опфатени студенти од едининците на УКЛО кои постигнале просечен успех во студирањето повисок од девет.
За успешна реализација во процесите за препознавање и идентификација на надарените и талентираните, проактивно е вклучена и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска.
извор: bitolanews.mk.