среда, ноември 20, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Откако нуркачите го исчистија дното на езерото на Кејот, денеска „светна“ и пристаништето, бродарите и членовите на ЕКО ФАП од утрово по подготвуваат просторот за „Водици“

Охрид се подготвува за големиот празник Богојавление – Водици.  Охридски нуркачи и годинава го исчистија дното на Охридското Езеро кај пристаништето каде ќе биде положен Светиот крст во езерските води.  Отпадот ништо поразличен од претходно, сликата за колективното ниво на култура не е подобрена. И повторно имаше шишиња, лименки, конзерви и метални предмети.

А утрово слична акција спроведија и бродарите и членовите на ЕКО ФАП. Тие од раните утрински часови го „светнаа“ пристаништето.

Деновиве екипи на ЈП „Охридски комуналец“ ќе се погрижат за украување на централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања.

Градоначалникот Кирил Пецаков, по состанокот со координативното тело посочи дека сите учесници во организацијата се подготвени празничниот ден да мине во убава атмосфера, безбедна за сите оние што ќе запливаат по светиот крст, но и за бројните верници коишто ќе го следат верскиот церемонијал којшто ќе се одвива во водите на Охридското Езеро.

„Буквално од локалната самоуправа, јавните претпријатија, Дебарско-Кичевската епархија, Црвениот Крст, нуркачките клубови, здравствените установи во Охрид, пожарната и т.н., СВР Охрид ако не ги споменав се сите оние задолжени денот да изгледа онака како што изгледа величествено“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

За празникот традиционално Богослужби ќе има во сите парохиски цркви, по што верниците во литии ќе се упатат кон градското пристаниште.

„Богослужбите започнуваат во раните утрински часови од 7 часот, а положувањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро на Градското пристаниште ќе започне во 10 часот, како и секоја година“, вели Илија Ристески, Дебарско-Кичевска епархија.

Во организација на Црвен Крст истиот ден од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Празникот Свети Јован Крстител кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите годинава ќе се одбележи поскромно на локалитетот Сараиште, што не значи дека ќе изостанат убавата песна, храната и виното.

фото: Охрид 1