АктуелноОхрид

Рождество на Господ Исус Христос – Божик

Акога се наврши времето, Бог Го испрати Синот Свој Единороден (Гал. 4, 4) за да се спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовеста којашто архангелот Гавриил ѝ ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна…, еве ќе родиш и ќе зачнеш син“ – во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се попише сиот народ во римското царство. Според на таа заповед, секој требаше да отиде во својот град и таму да се попише. Праведниот Јосиф со Пресветата Дева појде во Витлеем, градот Давидов, зашто обајцата беа од царското колено Давидово. А бидејќи во тој малечок град, заради пописот, се најде многу народ, Јосиф и Марија не можеа да најдат ноќевалиште во ниедна куќа, па се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги чуваа своите овци. Во таа пештера, ноќта меѓу саботата и неделата на 25 декември, Пресветата Дева Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух, а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јасли. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од Божјиот ангел и Му се поклонија како на Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2). Потоа пристигнаа тројцата Мудреци од исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и смирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2). Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше пророкувано од пророците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Јерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мноштво на Неговите предобрази и наговестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги. Нему Му припаѓа вечната слава. Амин.

denovi.mk