Празникот на Рождеството Христово се покажува како исполнување на сето она по кое копнее човековото срце во својата длабина; исполнување на исконските копнежи, на очекувањата и верувањата на сите луѓе од сите поколенија. Христијанството му дава ново име на сето она што човекот го вложил во своето верување во апсолутното добро, во смислата на животот, во неговата разумност и божественост – и тоа име е Христос, Богомладенецот од Витлеем. Рождеството Христово, кое во исто време ги крунисува сите човечки претчувства и очекувања, одговара на ненаситната жед за смисла, за добро и за убавина кај луѓето и истовремено го означува почетокот на правилното богопознание, на вишото Божјо откровение, на непогрешното поклонение и обожување на вистинскиот Бог во Троица, преку вочовечувањето на Словото Божјо, Кое Самото е извор на сиот живот, Кое е содржината и целта на животот. „Твоето раѓање, Христе Боже наш, го просветли светот со светлината на знаењето“ – пееме во тропарот на Рождеството.
Силни снопови од таа светлина денеска таинствено блескаа во бигорскиот храм на Чесниот Претеча, каде што, како во некој мисловен Витлеем, заедно со нашата монашка заедница се беа собрале повеќемина богопоклоници, дојдени да се поклонат на „новородениот Цар Јудејски“, на Синот на Дева Марија и Спасител на душите наши. А таму, во храмот, богатата богослужба, со прекрасната химнографија во неа, веќе длабоко нѐ воведе во големата тајна на празникот на Рождеството Христово. Имено, според востановениот литургиски типик, беше отслужено последованието на т.н. царски (или велики) часови, коишто, всушност, го одразуваат навечерието на Рождеството.
Се нарекуваат царски, затоа што во древното Источно Римско царство се извршувале во присуство на царот и завршувале со многулетие за него, како и за патријархот. Главната особеност на царските часови се состои од пеењето на дванаесетте празнични тропари, со читање на избрани Давидови псалми, старозаветни пророштва, апостолски и евангелски зачала, чијашто содржина ја претставува смислата и значењето на празникот. Пророчкото ехо на Стариот Завет наоѓа свој одѕив во апостолските четива и во прекрасните стихови на тропарите. Извадоците од Евангелијата, пак, веќе јасно го раскажуваат збиднувањето на големото таинство на воплотувањето на Словото Божјо.
Особено раскошен по содржина е деветтиот час, кога канонархот велегласно и хармонично ја рецитира трогателната стихира: Денес се раѓа од Дева… Исто така, според древната пракса, нашиот канонарх во продолжение ги изговори многулетијата, најнапред за претстојателот на првопрестолната Мајка Црква во Константинопол и Вселенска Патријаршија, Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј, па потоа со ред и на сите останати претстојатели на помесните православни Цркви, вклучително и на нашиот почитуван Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан. Овој свечен чин заврши со многулетие во чест на нашиот почитуван надлежен архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополит г. Тимотеј и најпосле за нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство Епископот г. Партениј.
По ова уникатно и преубаво последование на Царските Часови, следеше тајноводството на Божествената Евхаристија според чинот на Свети Василиј Велики, споена со празничната Вечерна богослужба. Вдахновен од празничната атмосфера во прикладно украсениот храм, Старецот Епископ г. Партениј, кој претстоеше на богослужението, на крајот им посака на сите добар и благодатен Божик и ги повика верните да ги испразнат своите умови од суетата на овој свет и да не дозволат нивните срца да станат бесчувствени витлеемски гостилници во кои нема место за Бога, туку преку милозливост, љубов и сострадание да ги претворат во смирени и чисти витлеемски пештери, за во нив да се всели родениот Христос.
Најрадосни, пак, за наближувањето на Рождеството Христово беа, секако, најмладите. Чистите детски срца јасно и живо ја чувствуваат и ја гледаат тајната на Божјото воплотување. Затоа тие се најсилните возвестители на радосната вест. Така беше и денес, кога десетици дечиња од дебарско-реканскиот крај, со озарени лица и со блескави од радост очиња, со своите раскошни детски гласови хармонично му ја испеаја на Старецот Владика г. Партениј познатата божикна каланда „Вечниот Бог“. Возрадуван од чистата вера и радост на овие наши локални коледарчиња, тој на сите ним им подари по едно божикно пакетче, богато со благи и играчки.
Детето нема ниту моќ, ниту сила, но токму во неговата немоќ се покажува како цар, токму во неговата немоќ и во неговата неодбранливост е неговата неверојатна сила. И Детето од далечната Витлеемска пештера не би сакало да се плашиме од Него. Тоа влегува во нашите срца не со закана, не со доказ за Неговата моќ и авторитет, туку само со љубов. Како Дете, Тој ни се дава Себеси и повторно како дете – можеме да Го сакаме и за возврат да Му се предадеме Нему.
Добар Божик!
Бигорски Манастир