Уште една охридска легенда го напушти овој свет. Замина во вечноста проф. д-р Наум Целакоски, познат најнапред како професор по македонски јазик во Охридсата гимназија, потоа како долгогодишен директор на Историскиот архив во Охрид и на крајот од својот работен век, како професор по културно наследство и декан на Факултетот за туризам во Охрид, напиша на својот Фејсбук профил м-р Димитар смилески, негов пријател и близок соработник, напиша во својата објава на ФБ м-р Смилески. Во продолжение ја пренесуваме истата во целост:
-Првпат го запознав како ученик во прва година во Охридската гимназија во далечната 1963 година и никогаш не претпоставував дека тој ќе ми биде еден од најверните и најценети другари во мојот живот. Но, судбината била по подолго време нашите патишта повторно да се спојат и да се дружиме до крајот на животот. Неговата докторска дисертација за етнологијата на Дебрца беше нашето повторно дружење, кога ги крстаревме селата во Дебрца, барајќи изворни материјали за темата. Разни средби, дружења и анегдоти произлегоа од тоа дружење, но исто така и во наредниот период останаа спомени кои не се забораваат. Професорот Нам Целакоски има напишано дваесетина книги од областа на етнологијата и историјата на Охридскиот регион и стотина статии со кои учествувал на разни научни собири. Последната негова книга беше интимната збирка на поезија „Зелената месечина“ која на своевиден начин ја претстави писателот Смиле Наумоски-Брсјак, во Градската библиотека во Охрид, по повод патрониот празник на Охрид, кога проф. Наум Целакоски и проф. д-р Павле Митрески беа прогласени за почесни членови на Библиотеката.
Во моето памтење ќе остане како племенит човек, кој воспита две прекрасни ќерки, секогаш расположен за разговор и шега.
Знам дека ќе ми недостасува и мене и на поширок круг негови пријатели, но животот како што има почеток, има и крај.
Нека почива во мир во неговото вечно почивалиште во родното село Мешеишта, напиша Смилески.
извор: ФБ Димитар Смилески