АктуелноОхрид

Еврејската заедница од Македонија најави дека ќе поднесе кривична пријава за името на бугарскиот културен центар во Охрид

Претседателот на Еврејската заедница од Македонија, Пепо Леви, најави дека до Јавното обвинителство ќе поднесат кривична пријава за името на бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Еврејската заедница, како што изјави Леви за Тв Сител, остро се спротивставува на повампирувањето на ликови од фашистичкиот период на Бугарија.

– По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво. Ние ќе поднесеме и кривична пријава до Обвинителството, изјави Леви за Тв Сител.

Како што објавивме за 7-ми октомври е најавено отворање на бугарскиот клуб именуван по сојузникот на Хитлер во Втората светска војна. Овој настан, случајно или намерно, е предвиден четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија.

Денеска во Бугарија се одржуваат парламентарни избори, на кои според Бугарската Централна избирачка комисија се пријавиле само 181 лице со бугарско државјанство од Република Македонија. Од нив 46 ќе го остварат своето избирачко право во Прилеп, 45 во Кавадарци, 42 во Велес, 22 во Струмица, 9 во Амбасадата во Скопје, 8 во Генералниот конзулат во Битола, 7 во Охрид и 2 во Штип.

извор: Тв Сител