АктуелноОхрид

Граѓаните вознемирени од инцидентот во кој две жени од Јужна Кореа агресивно се однесувале кон минувачите, а еве како СВР го евидентира случајот

Охриѓани вознемирени по инцидентот кој се случи вчера на улицата Партизанска во Охрид, во близина на православната црква Свети Никола, каде две жени од Јужна Кореа агресивно се однесувале кон минувачите, довикувале по луѓето кои се движеле по улицата и ги попрскувале со непозната течност, за потоа да станат повеќе агресивн и почнале физички да ги напаѓаат минувачите.

Од СВР настанот го евидентираат како две жени од странство сакале да натепаат полицајци во Охрид.

„На 28.09.2022 година околу 15.30 часот во СВР Охрид лишени од слобода се две странски државјанки К.М.(20) и К.Л.(50). Тие, на улицата „Партизанска“ во Охрид се однесувале агресивно и се обиделе физички да ги нападнат полициските службеници кои извршувале службени дејствија. Во консултации со Јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од СВР Охрид.

Спротивно на ова граѓаните сведоци на настанот раскажуваат друго:

„Пред отприлика саат време, значи сончев ден, сонце пука, си купивме пециво и одиме до на кеј, од паралелната уличка кај црквата Св. Никола. Излегуваме од ќошот и одиме кон црквичкава. Ние весело си разговараме, приметивме две корејки, јапонки, не знам што беа по националност личностиве. Едната беше млада, отприлика 20-30 год., кафеава коса, со портокалова јакна, како дождовник, доста висока, додека другата беше повозрасна жена, би рекла 45-50 годишна возраст. Таа беше цела облечена во црно со црна коса. Нешто довикуваа, не се разбираше на кој јазик, нешто беше како “герау” ама може е збор што не постои или за мене непознат. Почнаа да нѐ гледаат, се свртивме, но ништо страшно немаше позади нас. И јас реков ајде да си тргнеме побрзо. Помладата почна да писка на цел глас, со некаков шилест предмет во рака, не знам дали беше џебно ноже или клуч ама нешто такво беше. КОН НАС. ОД НИШТО. Со раката замавнуваше исто ко некој си butcher и почна да нѐ брка. Трчнавме 100 метри, накај црквава, имаше и едно семејство, влегуваа во кола и неколку локалци и едниот праша што е работава додека другиот ни кажа дека и тие пријавиле во полиција дека и нив слично нешто им се случило. Ние преплашени, јас се свртев и ѝ довикав на помладата девојка “I will call the police”. Тоа уште повеќе ја изнервира и повторно почна на ист начин да трча по нас, врескаше, не пискаше туку врескаше ко неточна… почна по неа да трча и повозрасната жена со неа што беше. Ние буквално бегавме, си реков ќе излеземе на кеј, таму има луѓе. Додека трчавме, се тресев и ѕвонев на полиција. Им ја објаснивме целата ситуација и нѐ прашаа дали уште се таму девојките. Јас реков дека не знам, дека избегавме на една улица подолу зошто сигурно нема да чекам со некои психопати да дојде полиција и да чекам да ме нападнат. Во шок сум од целава фрка, не знам зошто и како се случи сето ова, но сакам добронамерно да ги известам сите граѓани во околинава дека и на сред бел ден веќе не си сигурен и дека од чист мир некој ќе сака да те повреди. Случајот е пријавен од повеќе луѓе во полиција, не сме единствени, ама бидете претпазливи“, пишуваат граѓаните на ФБ.

извор: Охрид 1