АктуелноОхрид

Левица поднесе иницијатива за изработка на Физибилити студија за основање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија во Охрид

Советникот од редовите на партијата Левица – Виолета Аврамоска до Претседателот на Советот на Општина Охрид поднесе иницијатива за изработка на Физибилити студија со цел основање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија.

– Сведоци сме на актуелната енергетска криза и енормно висока цена на електричната енергија, која за многу краток период ќе ги доведе Општината и институциите чиј основач е истата, во финансиски колапс. Домашни и странски познавачи на состојбата укажуваат дека оваа криза и високите цени ќе траат подолг период со заклучок дека, и по смирувањето на кризата, цената на електричната енергија ќе биде доста повисока од онаа која беше пред почетокот на кризата. Поради овие факти, предлагаме општината благовремено да преземе активности во правец на превенција и санирање на состојбата во која се наоѓа. Со формирање на Јавно Претпријатие (во натамошниот текст ЈП) за производство и трговија на електрична енергија се отвора можност општината да приходува од овие дејности со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање на ЈП, да остварува и финансиска добивка која би инвестирала во подобрување на условите за живот на жителите во Општина Охрид, стои во образложението.

Се додава дека првична цел на ова ЈП е да изгради фотоволтаични центри на сите поволни локации кои ги стопанисува Општина Охрид.

– Начинот на закуп може да биде со месечна или годишна закупнина или со инвестиција на општината во енергетски ефикасна фасада на станбената единица која е предмет на интерес. Во последната фаза на развој, ова ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, како и други потрошувачи. Според актуелната ситуација со енергетската криза, потребно е ова ЈП под итно да се формира и профункционира се со цел да се избегне финансиски колапс на Општината, кој неминовно следи доколку не се преземе ваква мерка. Имајќи предвид дека се работи за покомплексна материја, предлагаме пред се‘ Советот на Општина Охрид да ја донесе Предлог-Одлуката во прилог со што Одделението за заштита на животната средина, енергетска ефикасност и управување со земјиште (надлежните одделенија во општината) веднаш би пристапило кон подготовка на Физибилити студија за просторните и законските можности, како и финансиските аспекти од формирањето на ЈП со ваква дејност. Донесувањето на Одлуката за изработка на Физибилити студија со цел основање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија не повлекува никакви финансиски импликации по Буџетот на Општина Охрид. Поради итноста произлезена од се’ поголемите цени на електричната енергија, а притоа земено предвид дека овој предлог е уредно и целосно поднесен (заедно со Предлог-Одлука во прилог), бараме оваа Иницијатива заедно со Предлог – Одлуката да се најдат на Дневен ред на првата наредна седница, односно на 17-тата седница на Советот на Општина Охрид, стои во дописот до медиумите.

извор: Левица